Со низа настани Охрид ќе го одбележи 8-ми Декември- Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот. Програмата насловена „Деца сме на Климента“ ќе започне на 3-ти декември, а ќе заврши на 8-ми Декември со Свечена академија.

Во четврток, 4-ти декември, со почеток во 11:00 часот во големата сала на Општина Охрид ќе се одржи промоција на книгата „Григор Прличев- вчера денес и утре” од Милчо Јованоски и НУ Библиотека „Григор Прличев”, а промотор ќе биде проф.д-р Зоран Тунтев.
Од 12:00 часот во Култ Културен центар планиран е настанот „Букви и зборови што создаваат светлина: Јазична работилница посветена на Свети Климент Охридски“ од Кристина Дукоска -основач на „Правопис за деца”, во 19 часот Осмодекемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче” во ОМУ „Методи Патче” (концертна сала), додека од 19:30 часот свечена приредба на ООУ „Св. Климент Охридски” во НУЦК „Григор Прличев” (голема сцена).
На 5-ти декември со почеток во 11:00 часот во големата сала на Општина Охрид ќе се одржи промоција на книгата „Охридски летопис книга втора” и „Охридски летопис комплетно издание” од авторите проф. Д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески, а промотор ќе биде проф.д-р Ѓорѓи Тоноски.
Во 12 часот во Спомен куќа на Робевци ќе биде отворена изложбата „Прстенот симбол на завет, статус, моќ“ од етнолошката ризница на охридскиот музеј.
Во 19 часот ќе биде отворена традиционалната осмодекемвриска изложба на „Охридскиот фото клуб” во НУ Центар за култура „Григор Прличев” (изложбен салон). Во 20.00 часот во НУЦК „Григор Прличев” (голема сцена) ќе се одржи свечена приредба на СОУ „Св. Климент Охридски”, додека во истиот термин од 20 часот ќе се одржи и концертна промоција на ВИС „Билјана” – Охрид во чест на Свети Климент Охридски -Патронот на Охрид, на плажата „Кадмо”.

На 7-ми декември во 12:00 часот ќе се одржат Регионални смотри на СОФАМ -Фолклорна смотра на ансамблите од Југозападен регион во чест на Свети Климент во НУЦК „Григор Прличев” (голема сцена), во 18:00 часот „Мечта”-Самостојна изложба на уметнички слики од охридската уметничка Јана Маркоска -Наумовска во галерија „Охридска порта Љубица” (во непосредна близина на плоштад Вангел Наумовски).
На 8-ми Декември во 10:00 часот предвидено е поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”- Плаошник, во 11:00 часот полагање свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во ООУ „Свети Климент Охридски” (училиштен двор), во 12:00 часот полагање свежо цвеќе на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид на Градски плоштад „Свети Климент Охридски”.
Во 18:00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Охридско секојдневние” од охридската фотографка Нина Ангелоска во Куќа на Уранија.
Свечената академија по повод 8-ми Декември-Денот на Свети Климент Охридски-патрон на Охрид ќе се одржи во црквата Света Софија со почеток во 19 часот.
Н.С.Ј.












