Со целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ вечерва почнува 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“.

На свеченото отворање на фестивалот свое обраќање ќе имаат директорот на Центарот зa култура, Горан Симоноски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски.

Традиционално пред почетокот на концертот, учесниците на меѓународната фолклорна манифестација ќе продефилираат низ охридската чаршија.

На сцената на Долни Сарај до 9 овој месец, љубителите на фолклорот ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, но и од Словенија, Полска и САД.

Во рамките на програмата вчеравечер беше отворена изложбата на фотографии на традиционални носии „Од Љубанишча до Дебор” од авторот Љупчо Милошевски во Центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид.

Изложбата ќе може да се посети секој работен ден до 10 јули во галеријата на Центарот, а влезот е слободен.

Инаку, најстарата фолклорна манифестација на Балканот се одржува под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија.

OhridNews