Претставници од Управата за заштита на културното наследство и Центарот за истражување на предисторијата–Скопје, заедно со експерти од Унивезритетот во Берн, во наредниот месец дена ќе вршат подводни и дендрохронолошки истражувања во предисториската наколна населба кај Заливот на коските, со цел прецизно утврдување на староста на локалитетот.

Со дендролошката анализа на дрвото од колците која сега ќе ја извршиме, од истражувањата од претходните години и од дендролошката анализа на деловите од колците кои се наоѓаат во езерото, податоци кои очекуваме да ги добиеме во период од 6 до 8 недели, ќе знаеме со точност на кој период и припаѓа оваа населба. Според досегашните археолошки материјали, пред се керамички артефакти, е констатирано дека станува збор за крај на бронзеното време и почеток на железното време, вели Елеонора Петрова Митевска од Управата за заштита на културното наследство.

Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата и музеј на Македонија, потенцира дека предисторската населба која била направена од дрво содржи богата материјална култура, а досегашните податоци говорат дека населението се занимавало со лов, риболов, земјоделство и сточарство, но живеело во една поинаква средина која се разликувала од другите региони во Македонија.

Една од целите на ова истражување е да видиме кои биле жителите на оваа населба, во кое време точно живееле. Со импламентирање на ГИС мапирање на сите колци ќе ја имаме точната позиција на секој колец и од секој ќе се добие податок за неговото време и минато. Може да се конструира и излезот од оваа населба, дали биле индивидуални куќи, во кое време настанала населбата, дали функционирала само во еден период. Во какви врски биле луѓето кои живееле со останатите во другите региони. Имаме индикации  дека луѓето кои овде живееле имале многу блиски врски со пелагонискиот регион, традиција која постоела уште во неолитот и се одржакала до антиката, објаснува Наумов.

Швајцарските експерти го објаснуваат големото значење на примената на Дендрохронологијата, метод кој веќе подолго време се користи при истражувањата на старите живеалишта во Швајцарија и соседните земји, а е познат како датирање со помош на годови од дрвото, што е засновано на фактот дека сите живи растенија си додаваат годишен животен прстен на нивното стебло и гранки.

Многу е важно што имате зачувано оригинално дрво со старост од 5000 или 3000 години. Дрвото е многу важно затоа што дозволува прецизно датирање на локалитетите што и ќе се обидеме да го направиме овде, велат тие.

Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба.

Настанот е во рамки на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

OhridNews