Со обележување на дното и детекција, започна третата фаза од акцијата за чистење на Охридското езеро од неексплодирани убојни средства. Како што информираа од Дирекцијата за заштита и спасување, чистење на убојните средства ќе се врши на две локации- кај градското пристаниште и во Пештани.

На овие локации се проверува секој сантиметар со цел да се извадат сите убојни средства кои со децении се криеле во дното на езерото.


– Опасност за граѓаните и капачите и досега немаше со оглед на тоа дека неексплодираните убојни средства се наоѓаат на дното на езерото, во тињата  на длабочина од 30 сантиметри до метар и половина длабочина, но наша цел е тие да се извадат и уништат како не би дошло и до нивна евентуална злоупотреба, објаснува Сашо Матлиоски, советник во Дирекцијата за заштита и спасување.


Во претходно спроведените две фази од акциите за чистење на дното на езерото беа извадени над 16 тони бомби, мини и гранати, кои датираат од првата светска војна и балканските војни, но одредени примероци се од втората светска војна.


– Се надеваме дека како и во претходните акции и сега ќе успееме да  ги најдеме неексплодираните убојни средства на дното на езерото, иако сега ќе оди потешко со оглед на тоа дека се врши детално пребарување на дното со детектори . Најпрво ќе биде опфатено чистењето на плиткиот дел, а потоа ќе се оди во подлабокиот дел, изјави Милутин Секуловски од тимот за деминирање.

Активностите е предвиднео да траат еден месец. Доколку акциите во охридскиот регион завршат пред предвиденото време, со чистењето на дното на езерото ќе се продолжи во струшкиот регион.


Извадениот опасниот материјал се уништува на воениот полигон „Криволак“. Акцијата се спроведува од страна на екипите за подводно деминирање на Дирекцијата за заштита и спасување, а со финансиска поддршка на американската Влада и Меѓународната фондација за заштита од мини „ИТФ“ од Словенија.

При извлекувањето на средствата се користи специјална опрема за подводно детектирање и извлекување на опасниот материјал.

OhridNews