Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување – ФЗОМ, денеска распишаа оглас за отварање рурална амбуланта во Пештани, охридско, која треба да ги покрива и селата Трпејца и Љубаништа. Отворањето на аптеката ќе биде поддржано со финансиски средства од Фондот за здравственот осигурување, со цел да се стимулираат лекарите да се пријават на огласот.
-ФЗОМ ќе го стимулира отворањето на рурална амбуланта во Пештани со 60.000 денари месечно до први јули, а потоа ќе издвојува по 66.000 денари, што ќе биде и минималниот загарантиран износ кој ќе го добива оваа здравствена установа за одржливо работење.-изјави директорот на ФЗОМ Сашо Стефаноски.
Услов за добивање на државна помош на лекарите кои кои ќе пројават интерес за отворање амбуланта во Пештани е да ги покриваат и населените места Трпејца и Љубаништа. Амбулантата во Пештани ќе треба два дена да ги опслужува пациентите во Љубаништа, а еден ден во Трпејца.
Проектот за државна поддршка за лекари кои ќе отворат ординации на матични доктори во точно определни рурални подрачја, меѓу кои и во Пештани, беше промовиран денеска на заедничка прес конференција на Министерството за здравство и ФЗОМ во Скопје. Како што беше истакнато, со оваа мерка предвидено е да се отворат амбуланти во 20 рурални средини.
Секоја новоотворена ординација ќе склучи договор со ФЗОМ кој за стимулација месечно ќе издвојува минимум 60.000, а максимум 99.000 денари. Во првите 24 месеци лекарите ќе може да пружаат услуги без асистенција на медицонска сестра, односно до момент кога докторот за матичен не го изберат 700 пациенти, по што тој ќе мора да го комплетира тимот.
OhridNews