Како една од мерките за заштита на правата на работниците, олеснувањата за почитување на законските рамки за работодавачите и борбата против сивата економија, во Србија, на почетокот на оваа година е воведен системот за е-регистрација на сезонските работници во секторот земјоделство, чие спроведување го поддржа ГИЗ во име на Владата на Сојузна Република Германија во соработка со НАЛЕД. Системот на електронско пријавување на сезонците овозможи бројни погодности за сите три страни, работниците, работодавачите и државата, преку поттикнување на поефикасно ангажирање на работна сила, понатамошен развој на земјоделството и вкупен економски развој на земјата.
Работодавачите кои имаат фирми или приватни поседи, сега можат да ги пријавуваат работниците во само неколку чекори на онлајн платформата sezonskiradnici.gov.rs. Достапни им се и видео упатства и мобилната апликација Сезонски работници, креирани со цел на корисниците да им ја олеснат употребата на овој сервис. Електронскиот систем овозможува сигурност за работниците бидејќи им се уплаќа пензиски стаж и здравствено осигурување во случај на повреда на работа, а на работодавачите им дава едноставна можност да ги пријават работниците за помалку од 10 минути. Од почетокот на 2019 година до средината на август преку овој систем се регистрирани над 20 илјади работници со 480.000 пријавени работни денови и 1,2 милиони евра уплатени даноци и придонеси во државниот буџет.
Работодавачите, со само неколку кликови, со внесување на единствениот матичен број на работникот, датумот од кој работникот ќе биде ангажиран и селектирање на видот на работата, на легален начин можат да обезбедат помош во земјоделските работи. Покрај правните субјекти, системот можат да го применуваат и физички лица.
Е-регистрацијата донесе и многу предности за работниците, кои имаат загарантирана минимална заработка, осигурување во случај на повреда на работа и пензиски стаж. Притоа, иако дополнително ангажирани во текот на сезоната, не ги губат правата на невработени лица ниту пак некои други видови на остварени придобивки. Бидејќи за време на извршувањето на сезонската работа работникот не се брише од евиденцијата на невработени, не запира ниту исплатата на парична надокнада од Националната служба за вработување, или пак тоа на каков било начин влијае на користење на правото на парична социјална помош.
Ефикасноста на електронскиот систем на регистрација се гледа и во тоа што работниците многу едоставно, со мобилен телефон, во секој момент можат да проверат дали се пријавени, кој работодавач ги има пријавено и за кој временски период. Работниците кои работодавачите ќе ги ангажираат, на овој начин автоматски влегуваат во регистарот на сезонски работници, заедно со информацијата за кој вид работа биле ангажирани. Исто така, во евиденцијата за сезонски работи во НЗС, на сопствено барање можат да се запишат и лица кои се заинтересирани за извршување сезонски работи, со внесување на лични податоци и податоци за обученост и искуство во сезонски работи.
Позитивните ефекти од електронскиот систем за пријавување на сезонци во земјоделството веќе се видливи, а прилагодливоста и едноставноста на употребата на системототвора можност за примена и во другите земји од регионот. Токму затоа, во соработка со експерти и државните институции, со поддршка на германската Влада која ја спроведува ГИЗ, преку истражување на пазарот, се знализираат можностите за примена на системот во Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово. Имајќи ја во вид потребата на различните сектори од сезонски работници во целиот регион, решението кое Србија го воведе, може да претставува пример на добра пракса во правец на унапредување на положбата на сезонците и поефикасен систем за нивна евиденција на пазарот на труд, што пак ја олеснува работата на работодавачите и севкупно придонесува за унапредување на стопанскиот амбиент.