Со низа активности Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП),  ќе го одбележи Светскиот ден на здравјето – 7ми април.
 
Целта на оваа јавна кампања на ОСБСП е да се подигне свеста кај граѓаните, возачи на моторни возила во Општина Охрид, за неопходноста од редукција на употребата на моторните возила во нашето секојдневие, од аспект на зачувување на здравјето на сите граѓани.

– На тој начин, од една страна, граѓаните како пешаци или велосипедисти, преку редовно практикување на спортски и рекреативни активности, ќе водат сметка за зачувување на сопственото здравје, а од друга страна, ќе биде редуцирана и емисијата на штетните издувни гасови, со што ќе се придонесе за зачувување на животната средина, а со тоа и на здравјето на сите наши сограѓани, велат од ОСБСП.
 
Планирано е да бидат подготвени, испечатени и дистрибуирани флаери до возачите на моторни возила со соодветна содржина, со кои ќе се делува врз свеста и совеста на возачите. Флаерите ќе бидат дистрибуирани на 7-ми април (четврток) на неколку пунктови во градот, во соработка со стручните служби на општина Охрид. Исто така, во соработка со неколку невладини организации (Црвен крст, еколошки здруженија), предвидено е активно учество на членовите на ОСБСП во  јавни трибини, стручни предавања и други планирани форми на одбележување на Светскиот ден на здравјето.

OhridNews