Со Фламенко балетот „Луксуриа“, едно од најспектакуларните фламенко продукции во светот, фестивалот „Охридско лето“ ќе го прослави 62. роденден.

Директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ на денешната прес конференција истакна дека четврти август, денот кога започна „Охридско лето“, денот кога и се поклонуваме на оперската дива Ана Липша Тофовиќ, се слави со огромна возбуда но и одговорност пред се поради значењето и големината на оваа најголема музичко-сценска манифестација.

Низ годините тука на фестивалската сцена настапиле најзвучните имиња од светот на музиката и театарот. Звуците на класичната музика во прекрасната Света Софија, грандиозните дела на неповторливиот Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави се само доказ дека тука, во древниот Охрид, повеќе од половина век се негува музичката и театарска совршеност.  Фестивалската програма и на ова 62-ро „Охридско лето“ предизвика воодушевување кај љубителите на врвната уметност, нашата верна публика. Убедена сум дека и останатите настани до 20 август ќе понудат врвна уметничка вредност со која успешно ќе заокружиме уште едно фестивалско издание кое ќе ја надополни богатата историја на Фестивалот. По 62-ри пат низ фестивалски вечери одекнува гласот на уметноста ширум целиот свет. Над 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста. За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас значи потврда дека сме на вистинскиот пат. Остануваме посветени и доследни на она што го трасирале генерации пред нас, на нивните напори Охридско лето да биде најголемо, највредно и најзначајно, рече Поповиќ.

Амбасадорот на Кралството Шпанија во РС Македонија, Хосе Луис Лозано Гарсија истакна дека низ овој најпрестижен и меѓународен фестивал во Република Северна Македонија продефилираа реномирани уметници од целиот свет, а Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со истиот со цел да ги претстави шпанските музички уметници на овој престижен фестивал и во неспоредливиот амбиент на Охрид, средина класифицирана од УНЕСКО како заедничко наследство на човештвото.

Чест е за Амбасадата на Шпанија да биде дел на овој меѓународен фестивал. Се надеваме дека овој концерт на фламенко, предложен од самата министерка за култура, ќе и се допадне на бараната публика на овој голем фестивал.  Ни претстои една вечер за уживање, во која ќе уживаме со Фламенко балетот, ги поттикнувам и ги охрабрувам сите охриѓани и гостите да дојдат да уживаат заедно со нас, истакна Амбасадорот.

Музичкиот селектор на фестивалот, Бисера Чадлоска рече досега на половина на фестивалот биле понудени многу успешни концерти со прекрасни уметници кои гостуваа од целиот свет, како и од нашата држава.

Се радуваме на нивните успеси и на преполните сали каде што се изведуват нашите концерти. Некои од настаните ко деосега се одржаа беше отворањето со четврицата италинаски тенори, камерниот ансамбл на Македонската филхармонија, Камерниот оркестар „Профундис“, оркестарот на Српскиот народен театар, Стефан Миленковиќ, Стивен Бјус, Пијано Дуо од Макеоднија, Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија… итн. По вечерашниот настан не очекуваат и концерт на квинетот на Виенската камерна симфонија, пијанистот Лука Дебарк, Валентина Лисица…., додека за затварањето концерт посветен на Александар Џамбазов. Се радувам кога се случуваат вакви успешни фестивалски денови и сметам дека овој Фестивал е мнмогу значаен за нашата држава, како културна традиција која се надевам дека ќе продолжи со ист ваков успех и интензитет, додаде Чадлоска.

Хаиме Транкосо од менаџметот на Фламенко Агенцијата истакна дека привилегија е да се настапува на 62-та годишнината на фестивалот, а посебно е задоволството бидејќи овој перформанс го спремале пред пандемијата и  сега дојде време кога таа претстава ќе ја изведат на сцена.

Танчерите Давид Гутјерес и Паула Ресес изразија благодарност до организацијата на фестивалот и Амбасадата на Шпанија за поддршката да се реализира овој проект и упатија покана до сите во Охрид да уживаат во претставата вечер, која меѓународно е добро прифатена, потенцирајќи дека е чест да се натапува пред нова публика која оваа вечер ќе има можност да види што е класично фламенко, но и со модерни примеси.

Благодарение на „Охридско лето“ Охрид изминативе дваесетина дена беше пристаниште на најдоброто дома, на квалитетни театарски претстави, на микс на драмски стилови и сценски јазици, наративи со коишто покажавме дека тетарската уметност дише, дише значајно, силно и здраво. Во останатите денови ни остануваатуште четири театарски доживувања кои ќе се закотват на нашето театарско пристаниште. На „Охридско лето“ му посакувам да продлжи да сјае најсветло помеѓу меѓународните фестивали од ваков тип, истакна драмскиот селектор Сања Арсовска.

Инаку, вечерашниот роденденски концерт ќе се одржи на Античкиот театар во 21 часот.

Н.С.Ј.