Значајна заштеда на електричната енергија и намалување на трошоците на училиштето ќе бидат само дел од бенефитите од новата фотоволтаична централа поставена во средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ која официјално беше пуштена во употреба денес.
Фотоволтаичната централа е донација од компанијата ОКТА АД – Скопје, а вкупната инсталирана моќност на истата изнесува 21,8 киловати и може годишно да произведе и до 25,5 мегаватчасови електрична енергија, што претставува значаен дел од енергетските потреби на училиштето.
Централата е надополнување на новиот систем на греење на училиштето, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, потенцирајќи дека со реализација на овој проект ќе се постигне значајна заштеда на енергија и ќе се намалат трошоците на училиштето.
Ова секако за нас има големо значење бидејќи остануваат повеќе средстава за подобрување на други аспекти од образовниот процес. Во ова училиште е поставена ефикасна термо фасада, партерно е уреден дворот, изреноврани се соблекувалните, поставена е нова електрична инсталација и извршена е санација на ѕидовите, смарт табли, нови ИТ опрема, книга за во библиотеката, хидранска мрежа, промена на подовите и системот за греење кој денес го надоградуваме со донацијата на ОКТА. Проектот го покажува нашиот однос кон образовните институциите и нашата грижа за најмладите. По истиот овој терк започнавме и во гимназијата во Охрид, со што ќе можеме да имаме комплетни три реновирани средни училишта, потенцираше Пецаков.
Општината, истакна Пецаков, има потенцијал да го сервисира секој објект кој е во нејзина сопственост, односно да постави фотоволтаични централи.
И тоа веќе го почнавме со Физибилити студијата која откако ќе заврши ќе пристапиме кон добивање на одобренија за градба односно поставување на фотоволтаици. Потоа врз основа на буџетот со кој располагаме, иако Општина Охрид е генерално во добра финансиска кондиција и може да поставува сама, сепак ќе одлучиме тековно на каков начин дали со партнерски однос или лична наша инвестиција ќе ги покриеме и останатите објекти што се во наша сопственост, додаде Пецаков.
Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во ОКТА, потенцираше дека донацијата е согласност со стратегијата на компанијата за поддршка на иницијативи поврзани со обновливи избори на енергија, што се одразува и на нејзините општетсвно одговорни активности и вложувања.
Не се работи за обична инвестиција и во неа заеднички работеа тимови од ОКТА, општината и училуштето, односно согласно Правилникот за обновливи извори се изработија сите фази. Ова е систем кој значително ќе ја подобри ситуацијата со снабдување со електрична енергија на ова училиште. Инвестицијата е некаде помеѓу 15 -20 илјади евра, но нејзиното значење е големо, зошто долгорочно се обезбедува замена на дел од онаа енергија која ја троши ова училиште, рече Јаневски.
Можеби целата постапка за ппоставување на фотоволтаична централа е малку подолга, додаде Јаневски, посочувајќи дека ова е класичен пример како со добра организација, со правилно изработен проект, комуникација постапката брзо се завршува.
Ова треба да биде пример не само за ова училиште, туку и за граѓаните и сите мали компании кои мора да поставуваат вакви мали фотоволтаични системи и со тоа да придонесат за подобра ситуација во енергетскиот систем. Оваа година имаме финансирано веќе три проекти, во Општина Центар, Охрид и Илинден. Планираме вакви проекти да правиме и следната година. До крајот на годината започнуваме со изградба на фотоволтаична централа од 12 мегавати и целта е и понатаму да поддржуваме вакави проекти, додаде Јаневски.
Директорот на училиштето, Ристе Јанкоски, истакна дека минатата година била тешка во поглед на трошоците за електрична енергија, но со добра соработка и поддршка од Локалната самоуправа биле надминати проблемите.
Со изградбата на новиот систем на греење значително ќе се намалат сметките за струја и мислам дека ќе имаме еден нов економичен систем на греење. Во консултација со инвеститорот очекувањата се дека околу 50% би се намалиле трошоците за електрична енергија, додаде Јанкоски.
Н.С.Ј.