Десетици илјади граѓани од сите градови во државата присуствуваа на големиот митинг на плоштадот „Св. Климент Охридски“ на владејачката коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, која традиционално и оваа изборна кампања ја започна од Охрид.


На митингот беа промовирани кандидатите за советници на коалицијата и кандидатот за градоначалник на Охрид, Д-р Никола Бакрачески. Тој во својот говор истакна дека посветено ќе работи на реализација на неговата визија Охрид да стане европски град.

-Драги охриѓани. Измина долго време, но од вечерва па во наредните 4 години промените во Охрид конечно ќе дојдат. Вечерва наша грижа треба да биде иднината. За да се промени Охрид, за крај на старата ера, за никогаш повеќе да не се повтори. Јас сум Никола Бакрачески, човекот кој што вие многу добро го познавате. Влегувам во оваа трка за спас на градот без валкани раце, со чист образ, без инкриминирано досие и афери и без ниту една дамка во својата професионална кариера.-рече Д-р Бакрачески.


Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ истакна дека стратешки цели во неговата програма која содржи конкретни проекти за развој на општината ќе бидат економски раст и креирање на значителен број нови работни места со отворање на слободна економска зона, унапредување и развој на туризмот и меѓунраодната соработка, реконструкција и изградба на инфраструктура, училишта и спортски сали, но и проекти за стипендирање на најдобрите ученици и поддршка за талентираните уметници и спортисти. Вети и воведување ред во урбанизмот, како и  изградба на современа автобуска станица, катна гаража, затворен пазар, марина, аквапарк,  затворен пливачки базен…

Јас сум убеден во своите капацитети да го водам овој град, но тоа не можам да го направам без вас, рече Бакрачески, додавајќи дека доколку граѓаните ги препознаваат идеите во неговата програма, тој е подготвен да работи за нив и да ги реализира.


Пред присутните се обрати и лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, кој истакна дека претстојните локални избори се своевиден референдум за иднината на Македонија, на кои граѓаните ќе избираат помеѓу две целосно различи политики. Едната блиска до народот и со видливи дела и резултати, а другата која го опструира и кочи развојот на земјата, рече Груевски.

– Претстојните избори се референдум. Тие ја носат можноста за избор по кој пат ќе се тргне и каква иднина човек посакува за себе и своето семјество. Во каква општина сака да се живее, во место каде проблемите не се решаваат, се препушта тие стихијно да се наталожуваат или во општина каде секој потенцијал и секој атом од силата се користи за да се направи што е можно повеќе за подобар живот на граѓаните. Можноста за избор е одговорноста, која ја носи демократијата, затоа на овие избори ќе се одлучува кој концепт е подобар, оној на политичарите кои на изборите не гледаат можност да решат некој проблем, да асфалтираат пат, да изградат игралиште, парк, туку единствено шанса за личен спас на сопствените кариери, на изборите гледаат како средство за манипулација со граѓаните. Или оној концепт, кој носи резултати и се темели врз конкретни дела, концепт во кој јас искрено длабоко верувам, зад кој стои програма и личниот кредибилитет на личностите кои ги нудиме.-рече Груевски.


Премиерот Груевски најави реализација на над 10.000 проекти во 70 општини, дел од нив и во Охрид, општина, која како што рече, стагнира во изминатите 8 години под водство на актуелниот градоначалник Александар Петрески, кого го обвини дека ги кочел владините проекти, и натрупал милионски долгови во општината. Наспроти Петрески на овие избори е Д-р Никола Бакрачески, кандидат кој е сосема различен од него, но на охриѓани е да одлучат кого ќе поддржат, рече Груевски.

-Нешто мора да се менува. Драги охриѓани од вас зависи. Можеме да понудиме, но ништо не може со сила да дадеме. Вие одлучувате. Како што одлучивте пред четири години, сега пак вие одлучувае. Ние ви нудиме за кандидат за градоначалник нов човек, кој вие многу добро го познавате. Човек со сосема различна матрица од Ацо, човек кој прошетал и видел и научил. Човек кој е подготвен да се фати во коштец со проблемите и да ги реши. Тој вечерва ви побара еден мандат, но со моето искуство јас ќе ви кажам дека нему ќе му требаат два за да го извлече Охрид од оваа ситуација. Но веќе по еден мандат ќе знаете дека работите се движат на прав пат.-истакна премиерот Груевски, додавајќи дека  со таков човек на чело на градот и владата ќе може многу повеќе да помогне и да направи за Охрид.


На митингот говореше и носителот на кандидатската листа за советници во општина Охрид Д-р Јованка Точкова. Таа истакна дека сите кандидати на листата на советници се исклучително вредни и чесни луѓе, докажани  во своите професии, со различни профили, доктори на науки, угледни бизнисмени, лекари, универсзитетски професори, магистри, кои ќе можат да одговорат на обврските во советот и имаат капацитет да ги решаваат проблемите на граѓаните.



Пред присутните се обратија и претставници на партиите од коалицијата „За подобра Македонија.

Г. Момироски
фото: Емилио