ГФК Охрид Лихнидос и Брера Струмица одиграа 2:2 попладнево на „Билјанини Извори“, во натпреварот од 7. коло во Втората македонска фудбалска лига.
Охрид практично целиот натпревар го одигра со фудбалер помалку. Уште во 2. минута Валентин Кочоски доби црвен картон, по што сино-белите беа принудени речиси 90 минути да играат со десетмина.
Брера ја искористи бројчаната предност и стигна до водство од 0:2, но Охрид не се предаде и во второто полувреме за само пет минути успеа целосно да се врати во натпреварот.
Бакрачески во 55. минута намали на 1:2, а Матески во 60. минута погоди за израмнување и конечни 2:2.
Со ремито, ГФК Охрид останува на врвот на второлигашката табела со 16 бодови. Работнички е втор со 15, додека Брера Струмица и Пелистер имаат по 14 бодови, со тоа што битолчани својот натпревар од ова коло го играат утре.
По седум одиграни натпревари Охрид има пет победи, едно реми и еден пораз и продолжува да ја предводи трката во Втората лига.
OhridNews












