Осветлувањето на црквата Света Софија, градскиот плоштад и гимназијата Св. Климент Охридски, вчеравечер, во 20.30 часот симболично беа исклучени, со што Охрид беше дел од одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја. Истовремено, во период од еден час, во мрак потонаа над 178 земји и 7000 града ширум светот, со што милиони луѓе ширум светот испратија порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени!
Кон акцијата се приклучија и приватни компании.
Во Македонија оваа година осветлувањето беше исклучено на вкупно 66 локации, а централниот настан се одржа на плоштадот Македонија. Глобалната организација на Часот на планетата Земја објави специјално видео во кое е објавен видео инсерт од исклучувањето на осветлувањето на Археолошкиот музеј во Скопје.
– Македонија вчеравечер покажа дека ја има моќта да направи промена. Над 66 локации потонаа во мрак за Часот на планетата Земја. Во нашиот медиа центар пристигнаа над 3000 фотографии и видеа од одбележувањето на Часот на планетата Земја низ целата Република и сме навистина среќни што охрабривме толку голем број на луѓе да ги исклучат светилките во своите домови! Ова немаше да биде успешно без поддршката на Градот Скопје, Црвениот крст на Република Македонија, УНДП Македонија и ЕВН. – изјави Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата во Македонија.
Беше направена и посебна видео компилација за акцијата во Македонија со инсерти од централната манифестација во Скопје, каква што само добија и Шпанија, Франција, Сингапур, Велика Британија, но и Македонија.
OhridNews
















