Со историски час, денес, во Прличевата одаја во охридската градска библиотека, се одбележа 145 годишнината од раѓањето на македонскиот патриот, револуционер, публицист и журналист, Кирил Прличев, синот на Григор Прличев.

Кирил Прличев бил голем македонски патриот, македонски револуционер, публицист, журналист, идеолог и интелекуалец кој не се колебал јавно да ги соопштува и да ги брани своите ставови. Бил образован, се интересирал за книжевноста, говорел и пишувал на неколку јазици и вешто знаел сето тоа да го спои во неговото учество во речиси сите етапи на македонската револуционерна борба.

  • Само големите луѓе можат да го препознаат најважното и реалното во народните преданија. Слушајќи ги преданијата кои му ги раскажувал неговиот татко Григор Прличев, Кирил заедно со професорот Димче Коцо во 1943 година ќе трагаат по темелите на црквата и гробот на Св. Климент Охридски на Плаошник. Во животната приказна на Кирил Прличев има многу засега непознати делови, но едно е сигурно дека во неа има многу симболика. Вечно почиваат заедно со неговиот татко Григор  во гробот што се наоѓа кај црквата Св. Богородица- Перивлепта, светилиштето во кое до возобновувањето на црквата на Плаошник беа сместени моштите на Св. Климент Охридски. Ако „Охридскиот Хомер“  ни ги остави во наследство нескршливиот слободарски дух, витешката борба и етичките приципи, тогаш ние како генерација, треба да ги употребиме како клуч за отворање на вратите на иднината, рече во своето обраќање пред присутните Живка Ангелоска, претседател на Советот на општина Охрид.

За ликот и делото на синот на Григор Прличев историски час одржа професорот по историја Климент Спасески.

На настанот присуствуваше и внукот на Кирил Прличев, кој го носи името на својот дедо. Тој се заблагодари за организирањето на свеченоста, а на претставник на охридскиот Завод и Музеј му подари портрет на Кирил Прличев. Претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, на Кирил Прличев му врачи примерок од книгата „ Антологија на ловорот“  која неодамна ја публикува Локалната самоуправа.

Во рамки на културно-уметничката програма  настапи Ѕвездана Дуцкиновиќ од ОМУ „ Методи Патче“.

OhridNews