Владата на Република Македонија предложи Закон за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште, со цел дополнително регулирање на областа на градежното земјиште, информираше на прес конференција Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
 
Тој истакна дека со измените и дополнувањата кои се предложени до Собранието на Република Македонија, се врши дорегулирање на дополнителните услови за учество на јавното надавање, прецизирање на прашањето кога се смета за завршено јавното надавање како и утврдување на рок за вршење на солемнизација на договорите за оттуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија.

Најважна измена за граѓаните е тоа што се врши измена на постапката за пренос на правото на сопственост на градежно земјиште од поранешни сопственици, измена која е направена заради големиот број случаи кои се постојните законски решенија не можат да го завршат процесот за стекнување на сопственост на земјиштето на кое живеат и повеќе од 20 години.

Јанакиески посочи дека со предложениот законски текст се менува и дополнува Законот  за градежно земјиште со цел да се поедностави постапката за пренесувањето на правото на сопственост на градежното земјиште кое било купено од поранешни сопственици со договори за купопродажба кои не биле заверени во суд. Тоа се таканаречените меѓусебни договори кои не се заверени, голем број на граѓани ги поседуваат како единствен доказ дека во минатото го купиле земјиштето на кое сега имаат објекти и каде што живеат. Со предлогот на законот се менуваат и дополнуваат овие одредби заради овозможување на лицата кои купиле градежно земјиште од поранешни сопственици во период кога земјиштето не било  во промет, да можат да се стекнат со сопственост на истото доколку ги исполнуваат условите од законот и ги достават доказите кои се утврдени со самите одредби.

 -Она што го предложивме како решение е: да се даде изјава заверена на нотар во која лицето кое го користи градежното земјиште, односно неговите законски наследници под морална, материјална и кривична одговорност ќе изјават дека земјиштето го користат повеќе од 20 години врз основа на договор за купопродажба склучен со поранешен сопственик.  Исто така, се предвидува барателот да достави и известување од  органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи на подрачјето каде се наоѓа градежното земјиште, како и доказ дали за градежното земјиште има поведено постапка за приватизација и дали доколку е поведена истата е завршена. По барањето, надлежниот орган  ќе спроведе постапка и ќе донесе решение против кое може да се поведе управен спор.Сметам дека на овој начин ќе им се излезе во пресрет на огромен број граѓани кои со децении трчаат од институција до институција, од орган до орган, трудејќи се да изнајдат начин да стекнат сопственост на земјиштето на кое живеат целиот живот, но можеа затоа што старите договори за откуп на земјиштето не биле заверени и немале правна важност. -рече Јанакиески.

Со предложените законски решенија се овозможува правни лица кои се регистрирани во Република Македонија, а основани од странски правни лица да можат да ги исполнуваат посебните дополнителни услови кои можат да бидат предвидени со објавата за да учествуваат на јавните наддавања.

Во законот се додава нов член со кој се создава обврска за странското правно лице да мора да биде доминантен сопственик во правното лице регистрирано во Република Македонија од моментот на пријавување за учество на јавно наддавање, па се до моментот на исполнување на обврските од договорот за отуѓување, односно давање под долготраен закуп на градежно земјиште по пат на јавно наддавање.

Исто така, се овозможува на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности да можат да извршат оформување на парцела, но само доколку, согласно урбанистичко планската документација со која објектот е вклопен, процентот на изграденост на градежната парцела на која е изграден објектот изнесува најмалку 70 %, а доколку не е исполнет овој услов барањето за отуѓување на градежното земјиште ќе се одбива како неосновано

Како една од последните измени која е предложена е тоа што се врши допрецизирање на рокот за солемнизација на договорите, односно се предлага истата да се изврши во рок од 30 дена по добивање на мислење од државниот правобранител.

OhridNews