Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 34- годишна жена од Скопје поради постоење основано сомневање дека во временскиот период од Јануари до Јуни 2013 година извршила вкупно 12 кривични дела  „измама“, при што се стекнала со противправна имотна корист од околу 567.300 денари.

Серијата од вкупно 12 измами пријавената ги извршила на подрачје на општина Аеродром- Скопје, лажно претставувајќи се дека е вработена во базата на Бонстил на силите на НАТО во Косово како координатор за логистика,  ветувајќи им на повеќе лица од Р.Македонија дека може да ги вработи во силите на НАТО како возачи, административни работници, месари, собарки, кафекуварки и во други служби.

Додека пак, на оштетените фирми им ветувала дека доколку аплицираат во НАТО  ќе им среди да го добијат тендерот за снабдување на базата со прехрамбени  артикли, хемиски средства за хигиена, пијалоци и други потребни артикли.  Оштетените ги држела во заблуда дека работата е во тек, при што се стекнала со вкупна противправна имотна корист од околу 567.300 денари, кои ги потрошила за свои лични потреби.

Со пријавената извршен е разговор со цел расчистување на кривичното дело, во кој разговор во целост го појаснила начинот на извршување на кривичните дела.

Против пријавената, поради кривични дела и претходно биле поднесувани пријави.

OhridNews