„Сандра и Ева оздравете и да ни дојдете“- е пораката која аматерската актерска екипа од ЈОУДГ „Јасна Ристеска” им ја испрати на младите охриѓанки на кои во моментов им е потребна голема поддршка со цел што поскоро оздравување, за што е неопходна и парича помош.

Од тие причини тимот составен од воспитувачи и негователи од два различни клона Лихнида и Росица подготвија театарска претстава „Четири годишни времиња“ со која секојдневно настапуваат во различни градинки, основни училишта и центри за култура.

Проектот ги опфати децата од сите охридски градинки, како и групите во Велгошти, Лескоец, Пештани и Радојца Новичиќ. Се приклучија и децата од основното училиште во Лескоец „Коле Неделковски“, ОУ “Живко Чинго“ во Велгошти, децата од градинката “11 Септември“, „Мите Богоевски“ и децата од Дневниот центар за лица со телесна или интелектуална попреченост во Ресен.

За овој краток период од скоро осум работни дена беа собрани околу 110 000 денари кои охридската градинка ги донираше за лекувањето на Сандра и Ева.

Текстописец, костимограф, режисер, актер и организацискиот менаџер на оваа театарска претстава е Венера Јоноска. „Им посакуваме брзо опоравување на младите охриѓанки и општеството повеќе да се заложува за болните дечиња. Благодарност до сите кои помогнаа за брзата организација и реализација на проектот“, вели Јоноска.

OhridNews