Непосредно по вселувањето во зградата, одлучиле да го исчистат просторот од градежен шут и да го оплеменат со садници. Уште наредното утро по садењето на неколкуте борчиња, биле сведоци на непријатна глетка- засадените борчиња биле украдени.
– Секаде се промовира граѓаните да ги уредуваат дворовите и тоа го правиме за нас- жителите во зградата, но и за сите кои живеат во околината. Вложивме голем труд да го расчистиме местото, да го оплемениме и засадиме дрвца. За да ги набавиме секоја сезона трошиме околу 10.000 денари. За нас е несфатливо како некој се осудува на ваков чекор, да кради од туѓи дворови. Неколку години по првите кражби, разочарани, не засадивме ништо, но потоа се одлучивме повторно да го уредиме просторот надевајќи се дека овој пат засадените растенија нема да бидат украдени, вели семејството кое се грижи околу уредувањето на дворот.
За жал, уредениот парк деновиве повторно бил мета на крадците. Непознат сторител украл палма, стара 9 години, чија вредност е околу 10.000 денари.
– Палмата 6 години ја негувавме во саксија, затоа што бавно расте, а потоа ја посадивме во дворот. Деновиве и неа ја украле, велат станарите.
Поради кражбите, жителите од зградата се одлучија за поставување на видео надзор со кој ќе го штитат дворот од несовесни граѓани. Како што велат тие, сега ако не им е срам да крадат и снимката потоа да биде објавена на YouTube, нека повелат.
Кражбите на садници низ Охрид се се почести. Во изминатиот период во повеќе наврати беа крадени дрвца од градскиот парк и од зелените површини кај кружните текови.