Со словенечки и италијански искуства за развивање кластери во туризмот ќе се подобрува квалитетот на туристичката понуда на Охридскиот и Тиквешкиот регион. Целта е привлекување на што поголем број странски туристи, не само во топ сезоната, туку и во тек на целата година.

Проектот за одржлив развој во туризмот го спроведува УНИДО, во чија организација вчера во Скопје се одржала првата работилница за поврзување на сместувачките, угостителските објекти и винариите.

-Идејата е преку градење на човечкиот капитал, кој всушност е најзначаен во делот на услугите, да овозможиме да се подигне кавлитетот на туристичката понуда на Македонија, изјавил Зоран Тодоровски, национален експерт на Агенцијата за индустриски развој на ОН.

Според него, туристичката понуда во Македонија, секоја година се подобрува и има раст на бројот на туристите, но главен проблем е да се продолжи сезоната.

–Веќе не зборуваме за класична туристичка понуда, каде што туризмот остануваше само на ниво на сместување, туку на новиот тренд на туристичкиот пазар во светот кога се оди на ниво на доживување. Во топ сезоната се покриени 72 проценти од капацитетите, но на ниво на година имаме проблем. Практично идејата е да се прошири сезоната. Агенцијата во делот на промоцијата прави напори да се зголеми портфолиото на новите туристички содржини, на тој начин ќе овозможиме сезоната, конкретно во Охрид, да се прошири, појаснил Тодоровски.

Според Аднан Шерич, проект менаџер, смета дека со пренесување на знаењата и искуствата од Италија и од Словенија треба да се подобри состојбата во туризмот во Македонија, односно да се привлечат повеќе странски туристи во Охридскиот и во Тиквешкиот регион.

-Здружувањето во кластери се покажало како добра практика за економски успех во регионот во секое поле каде се работи. Нашата цел не е формално да формираме кластери во овие два региона, туку, пред се, да поставиме платформа за соработка помеѓу различните чинители, како на регионално, така и на национално ниво, да соработуваат, разменуваат идеи, проблемите да излегуваат на површина и да се предлагаат квалитетни решенија за нивно решавање, изјавил Шерич.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во март годинава Македонија ја посетиле 36.290 туристи што е зголемување за 5,5 отсто во однос на истиот месец лани. Зголемен е и бројот на ноќевања за 7,5 проценти, односно изнесувал 78.721.

OhridNews

Извор:„МИА“