Со вечерашниот концерт на македонскиот виолинист Ѓорѓи Димчевски и неговата сестра, пијанистката Весна Димчевска, вечерва се заокружува музичкиот дел од овогодинешното издание на фестивалот “Охридско лето”.

Ѓорѓи Димчевски е еден од највпечатливите претставници на младата генерација македонски музичари кој потекнува од познатото музичко семејство. Во 1999-2003 студира на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, Франција во класата на Благоја Димчевски и учествува на мајсторски курсеви со Евгенија Чугаева и Игор Озим. За време на студирањето активно концертира и освојува награди на повеќе меѓународни натпревари.

По завршувањето на студиите во Франција, Димчевски го продолжува образованието и дипломира на Конзерваториумот во Келн, во класата на истакнатиот виолинист и педагог Виктор Третјаков. Неколку сезони е концерт мајстор на оркестарот „Класична филхармонија – Бон“, во 2008 г. е назначен за концерт-мајстор на оркестарот резидентен во Палатата на убави уметности „Кралица Софија“ во Валенсија, под водството на Лорин Маазел и Зубин Мехта, а настапува и како камерен музичар со Симон Трпчески, Каори Јамагами и др.

Весна Димчевска дипломирала на Државната музичка академија во Софија, во класата на проф. Димо Димов, а посетувала и бројни семинари и мастер класи. Своето образование го има усовршено на Националниот конзерваториум во Тулуз со Ивета Димчевска. Настапува на солистички и камерни концерти во Франција и е корепетитор на семинари и мастер класи на „Охридско лето“ и „Скопско лето“, како и на летната Академија во Ница. Заедно со нејзиниот брат Ѓорги Димчевски активно настапуваат како камерно дуо, а во 2011 г. го издаваат првиот заеднички компакт диск во изданието на Музичката младина на Македонија.

Концертот ќе се одржи во црквата Света Софија со почеток во 21 часот. Ќе бидат изведени дела од Бетовен, Шуман, Брамс и Ваксман.

OhridNews