Новите измени и дополнувања на Законот за акцизи и Законот за здравствена заштита, предвидуваат дополнителен еден денар по кутија купени цигари да се издвојува како средства исклучиво наменети за финансирање на лекување на ретките болести.
Откако премиерот, Никола Груевски во понеделникот го најави ова системско решение, пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ во вторникoт соопшти дека ќе ги поддржи овие измени и дополнувања.
„Предложените изменувања и дополнувања на Законот за акцизите се во насока на зголемување на акцизата на цигарите по парче и минималната акциза во износ од 0,053 денари. Средствата од зголемувањето на акцизата ќе претставува приход на Министерството за здравство кој ќе се користи односно ќе биде наменет за помош на лицата со ретки болести. Со предлогот на Закон се предлага зголемување на специфичната акциза по парче цигара и на минималната акциза во износ од 0,053 денари. За оваа намена, измени и дополнувања ќе се направат и во Законот за здравствена заштита со што се предвидува дел од акцизата на цигарите во висина од 0.053 денари по парче (цигара) да се одвојува за набака на лекови за ретките болести, како и начинот на нејзината наплата“, појасни на прес-конференција Зоран Ѓорѓиевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
Според проекциите, додаде тој, преку ова решение треба да се соберат дополнителни 250 милиони денари годишно, средства кои ќе бидат дополнување на постоечкиот буџет на националната програма за ретки болести.
Со овие средства се планира покривање со соодветна терапија на сите лица со ретки болести.
OhridNews
Извор:„Макфакс“