Во полициската акција „Бришач“ уапсени се вкупно 29 лица, од кои 17 се полицајци, вмешани за организирање на лажни сообраќајки. Кривично ќе се гонат вкупно 57 лица, но судот издал налог за апсење на 31 лице. Двајца се во бегство, а останатите ќе се обезбедуваат со покана, пренесува „Макфакс“.

Криминалната група ги оштетила осигурителните компании за два милиони евра или за над 30.000 евра.

Попладнево уапсените беа изведени пред истражен судија. Полицајци носеа свои колеги кои ја злоупотребиле својата службена положба.

Засега меѓу уапсените има само учесници во сообраќајот и полицајци – раководители на увидна екипа. Од Министерството за внатрешни работи не исклучуваат истрагата да се прошири и да бидат уапсени адвокати и лекари, доколку се најдат докази дека и тие учествувале во организирањето на лажни сообраќајки.

Групата работела од 2007 и случаите на лажирани сообраќајки биле скоро идентични меѓу себе. Откако учесниците во сообраќајот ќе обезбеделе автомобили со оштетени делови ги местеле како да се случила сообраќајка. Увидната екипа која правела увид, иако требало и можела при вршењето на увидот да констатира дека не постојат реални траги дека се случила сообраќајка, тоа не го констатирале во записникот.

„Наместо тоа, по завршувањето на увидот констатирале наводни состојби од незгодата и како таков записникот го констатирале рачно. Таквиот записник, лицата кои учествувале го употребувале во осигурителните компании за да поднесат пријава за обезбедување на осигурување“ изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Освен материјална, измамниците обезбедувале и нематеријална оштета. Се жалеле на повреди, а имало и случај кога еден од осомничените однел во болница друго лице кое имало претходни повреди за да му биде издадена медицинска документација со која ќе обезбеди нематеријална штета.

Полицијата досега има докази за вкупно 13 сообраќајки коишто ги лажирала оваа група.

OhridNews
извор: „Макфакс“