На 1-ви февруари започнува осмата сезона на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2026“ со силна визуелна порака од медицински експерти од целиот свет.

Како што може да се види во официјалното видео, лекари од многу различни држава со дланки обоени во симболичните бои на ретките болести, ја испраќаат пораката дека науката и човечноста не познаваат граници, а  обоени дланки се ветување дека пациентите со ретки заболувања не се осамени во својата тиха борба.

8-мата сезона е доказ дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите во видеото се симбол на прифаќање и разбирање. Нашата цел е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да ги отвори вратите за подобра терапија и достоинствен живот на секој поединец со ретка дијагноза, вели Гордана Лолеска, претседател на „Ретко е да си редок“.

На 1-ви февруари, знаменитостите низ државата ќе се обојат во боите на ретките и ќе светат во текот на целиот месец, симболизирајќи ја будноста на општеството кон потребите на овие граѓани.

Кампањата ќе продолжи со професионалната едукативна дејност, со нови текстови и видеа за ретки болести, подготвени во соработка со врвни специјалисти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници.

Сите материјали се изработени двојазично, ќе бидат достапни на македонски и на албански јазик, со цел информациите да стигнат до секое семејство, а целиот месец февруари ќе биде исполнет со содржини што ги прават „невидливите“ дијагнози видливи за институциите и јавноста.

OhridNews