Мировниот марш ќе се одржи во петок, при што е предвидено на бистите на паднатите борци во охридскиот градски парк да биде положено свежо цвеќе. Пред присутните ќе се обрати и претседателот на Сојузот на борците од Охрид, Никола Стефаноски, а ќе биде прочитана и пораката на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот ќе биде збогатено со културно-уметничка програма, а на свеченоста се поканети градоначалниците на општините Охрид и Дебрца, претставници на локалните самоуправи, пратеници, политички партии, невладини организации, здружението на резервните воени старешини, јавни претпријатија, синдикални претставници, културно-општествени и спортски работници, студентски организации и други.
Во 2001 година Генералното собрание на Обединетите нации донесе Резолуција со која се покануваат сите држави членки на Обединетите нации, регионални и невладини организации и индивидуи да го одбележат на соодветен начин Меѓународниот ден на мирот, вклучувајќи ја тука воспитната и јавната свест, во иднина да се прославува 21 септември како Светски Ден на мирот и глобален прекин на огнот и насилството и истиот да претставува покана до сите нации и луѓе да го одбележат и да прекинат со насилствата за време на траењето на тој ден.
Централниот настан ќе се одржи во Штабот на ОН во Њујорк. На церемонијален начин со ѕвоно, генералниот секретар на ОН, Бан Ки – Мун ќе даде знак за едноминутно молчење точно во 12 часот, во присуство на достоинственици од целиот свет кога ќе ги потсетат членките на ОН и меѓународната заедница за важноста на настанот и потребата да се одбележи овој ден на соодветен начин.
Светската федерација на ветераните овој ден го промовира во светски Марш што се одржува насекаде во светот под мотото – „Ветераните чекорат за мир”. Сојузот на борците на Македонија како членка на светската федерација на ветераните 4-та година е носител и организатор на овој Марш на мирот во нашата земја.