Со вечер посветена на младите музички таленти синоќа започна четвртото издание на „Охрид Џез Фестивал“, кој до 30 август ќе донесе повеќе различни џез изрази во предворјето на црквата „Св. Софија“.
Љубителите на музиката уживаа во концертот „Ехо од Македонија“, на кој настапија ученици и професори од ОМУ „Методи Патче“ – Охрид, заедно со детскиот хор при училиштето.
Младите музичари, заедно со своите професори, ја отворија фестивалската програма со вечер во која во фокусот беа талентот, музиката и новите генерации изведувачи.
Фестивалската програма продолжува вечерва со етно џез вечер. Пред охридската публика ќе настапат Сашко Костов и Орхидеја Дукова, кои ќе донесат спој на традиционалната македонска музика и современиот џез израз.
Концертот ќе се одржи во предворјето на црквата „Св. Софија“, со почеток во 20:30 часот, а влезот е бесплатен.
„Охрид Џез Фестивал 2026“ продолжува и во текот на викендот, а четвртото издание ќе биде заокружено в недела, 30 август, со меѓународната џез вечер.
Г.М.


















