Со музичко-поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри” започнува седмото издание на меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“, што ќе се реализира од денес до 24 јуни.
По две години борба со пандемијата и неизвесност собравме храброст и се организираме по седми пат да ја освоиме сцената рече на денешната прес конференција, Весна Терзиоска, потпретседател на ОО Црвен крст Охрид и дел од тимот за „Вдиши театар“.
Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид веќе по седми пат го организира овој фестивал. Традиционално фестивалот го отвораат волонтери од Црвен крст Охрид што ќе се случи вечерва во предворје на црква Св. Софија со почеток во 21 часот со музичко-поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри”. Оваа година поради двегодишната пазуа имаме поинаков концепт на „Вдиши театар“, истакна Терзиоска.
Музичко-поетскиот перформанс е совршено сензуална комбинација на избор на стихови од познати македонски автори како што се Ацо шопов, Гане Тодороски, Анте Попоски, Блаже Конески и сл, избор на македонска музика, како и кореографија на изворна странска музика.
Утре во 18 часот има премиерно прикажување на филмот „На прав пат“ во продукција на Црвен крст -Ужице, а вечерта во 21 часот во предворјето на црквата Св. Софија ќе биде прикажана претстава од волонтерите од Црвен крст Битола „Умри машки“. На 24 јуни во 21 часот на фестивалот ќе учествува еминентна театарската група „Инет“од Чајетина, Златибор, Србија, со култната претстава „Чудо у Шаргану“.
Овој театар го сметаме како почеток на културното лето во Охрид. Најавуваме вистинско уживање за сите сетила, простор каде што младите волонтери од Црвен крст ги искажуваат своите креативни таленти. Се надеваме дека ќе ја рашириме идејата за хуманост и правење убави дела. Во рамки на денешниот музичко-поетски перформанс ќе настапи и Енес Беговски што е показател за нашата флексибилност и прифаќање на идеите од другите, вели Терзиоска.
Дел од младите волонтери кои ќе учествуваат во вечерашната претстава се и Ангел Карали и Адела Абас, кои се долгогодишни волонтери во Црвен крст Охрид, но за првпат се дел од фестивалот.
Мојот лик е рамнодушен и безнадежен, ја има изгубено целата смисла за животот, а околу него стојат трите добрини кои го убедуваат да стане и да прогледа да го види доброто во светотот, вели Карали.
Со секоја одиграна претстава се испраќа некаква порака, а овогодинешната порака е да бидеме подобри, да се бориме, да не се откажуваме и да имаме подобра иднина истакна Абас.
Црвен крст е место каде младите можат да ги прошират своите хоризонти, знаења и вештини. Мојата улога во вечерашниот перформанс е да не ја заборавиме вистината, да бидеме подобри и тоа го укажувам на секој можен начин, вели Абас.
Тематиката на фестивалот е промоција на хумани позитивни вредности во склоп на која се и филмот утре, атрактивен за младите кој прикажува морални вредности, како да не се скршне од правиот пат. И претставата „Чудо у Шаргану“ е со иста тематика, додека претставата од волонтерите од Битола е траги-комична која прикажува секојдневни ситуации, со позитивни и морални вредности.
Влезот за театарските претстави и едното премиерно филмско издание е бесплатен.
Н.С.Ј.















