Под мотото „Трансформација на сетилата“, утревечер од 21 часот на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Честа да ја започнат 40-дневната фестивалска програма ја имаат американската пијанистка со блескава кариера Клер Хуангчи и уметниците од Националната филхармонија на Р.С.Македонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер.
Клер Хуангчи е родена во Рочестер, Њујорк. На многу рана возраст започнува да учи пијано и во 1999 година е поканета да настапи во Белата куќа. Студирала со Гери Графман и Еленор Соколоф на Институтот „Куртис“, пред да се пресели во Хановер и да продолжи да студира со Ари Варди. Нејзината кариера започнува да оди во нагорна линија откако освојува високи награди на натпреварите АРД во Минхен, на натпреварот „Геза Анда“ и гран-при на Академијата за свирење и диригирање во Париз. Оттогаш често се јавува во двојна улога – како солист и диригент. Таа е амбасадор на издавачката куќа „Хенле“ и уметнички директор на серијата Камерни концерти во Ербах.
Едвин Аутвотер е еден од диригентите кој ги крши стандардните рамки на концертните доживувања и како куратор и продуцент, и е познат по неговиот динамичен пристап и крос-овер проекти во кои успешно ги спојува различните музички жанрови. Работи со различни високопрофилни уметници од бендот „Металика“, преку Винтон Марсалис, Рене Флеминг, Јо-Јо Ма, а неговата креативна визија и можност лесно да навигира во различни музички правци го прават „еден од најиновативните диригенти на денешницата“.
Македонската филхармонија е единствен државен симфониски оркестар во земјата кој осум децении освен што ја промовира класичната музика на највисоко ниво е главен промотор и на македонската музичка мисла и на домашните композитори и изведувачи од нејзиното основање до денес.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на Р. С. Македонија Гордана Силјановска-Давкова и со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам кое годинава издвои 31 милиони денари.
Ова е значајна финансиска поддршка што ја добиваме од Министерството за култура и туризам за реализација на 40. фестивалски денови кои ќе донесат врвна програма достојна за одбележување на 65. успешни години, вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски кој ветува дека програмата ќе ја оправда во целост дадената доверба.
Генерален спонзор на фестивалот е А1 Македонија, а годинешната програмата е поддржана и од Општина Охрид, од амбасади на странските земји во Македонија, како и од бројни спонзори и помагатели.
Од 1994 година „Охридско лето“ е и член на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) која вклучува повеќе од 140 фестивали од 40 земји.
OhridNews
Фото: Фестивал Охридско лето