Велигденските и претстојните првомајски празници вообичаено се репер за претстојната туристичка сезона. Покрај добрата најава и извршените резервации, на помалку од десет денови кога во Охрид треба да пристигне првата група на туристи од Холандија, дел од плажите долж крајбрежјето се уште се наоѓаат во очајна состојба.
Иако секоја година туристичките работници реагираат на недостатоците од претходната, очигледно дека вообичаените проблеми ќе се протнат и во оваа туристичка сезона.
„Треба да ги почекаме туристите од Холандија кои се најавени во наредната недела, па така уште неколку тури, да ги прошетаме низ плажите и да се запрашаат каде се наоѓаат. Зарем доликува со запуштени плажи полни со отпад и смет да ги пречекаме гостите, кои треба да раскажат за градот и кога ќе се вратат да не испромовираат како треба.“ – велат дел од охридските туристички водичи.
Оштетени објекти на охридските плажи
Граѓаните реагираат дека се повеќе објекти на јавните површини долж крајбрежјето, кои во изминатиот период биле мета на несовесни поединци, се уште се наоѓаат во истата состојба.
„Расфрлани корпи за отпадоци, искршени клупи, размонтирани лежалки. Кој стигнал, направил зијан по плажите. Чест на неколку локации долж крајбрежјето, кои од пред неколку недели се уредуваат турбо. Но голем дел се уште говорат за нашиот менталитет.“ – реагираат охриѓани во допис до OhridNews.
Плажите да се уредуваат и вон сезоната
Охриѓани сметаат дека плажите долж целото источно крајбрежје треба да бидат во одлична „кондиција“ во текот на целата година, а не само во шпицот на сезоната.
„Охрид не живее само 20 дена и не живее само за туристите. Ако нешто направиме, тоа нека биде и за нас граѓаните. Секогаш чекаме до последен ден некој од туристите да почне да реагира, медиумите да се активираат, па отпосле кога е оставен лошиот впечаток, да се преземат мерки. Зошто плажите да не се уредуваат во континуитет, кога со години наназад надлежните потенцираат дека ќе разиваат туризам вон сезоната.“ – сметаат охриѓани.
Првата тура гости пристигнува наскоро
Првата група на туристи од Холандија, кои годинава ќе одмараат на охридската ривиера ќе пристигне на крајот од овој месец. Како што неодамна информираа од Здржението на хотелитери-ХОТАМ, априлскиот чартер авион, кој ќе слета на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе биде на туроператор „TUI“, додека пак првиот чартер на „Corendon NL“ треба да пристигне на 2–ри мај 2014 година.
Во средината на мај пристигнуваа и Данците
Дански туристи од годинава организирано ќе доаѓаат на одмор во Охрид. Првата група на туристи од Данска се очекува да пристигне во средината на месец мај, а според најавите, во текот на 2014 година, на охридската ривиера ќе престојуваат голем број на гости од оваа северно-европска земја. Според планираното, данските туристи ќе пристигнуваат на аеродромот во Скопје, со обезбеден автобуски трансфер до Охрид.
О.Т.












