Деветти декември-денот на превенцијата, СВР Охрид ќе го одбележи работно и со реализација на два едукативни проекти „Мојот пријател полицаец“ и „Реонскиот полицаец Ве советува“.

Во рамките на одбележување на денот на превенцијата, денес полициски службеници ќе ја посетат детската градинка „Росица“, каде во соработка со локална самоуправа-Сектор за образование, и ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, се спроведува проектот „Мојот пријател полицаец“. Во Централното основно училиште „Братство“, предвидено е едукативно предавање во врска со проектот „Реонскиот полицаец Ве советува“, што СВР Охрид го реализира со секторот за образование при локалната самоуправа.

– Целта на овие активности е подигнување на свеста кај младите за поголема безбедност во заедницата како и зголемување на нивната доверба кон полицијата како служба која служи и штити. Превентивната функција е новиот лик и новиот имиџ на полицијата во демократските општества и претставува врв на полициските приоритети. Во основата на превентивното работење лежи потребата од дијалог на полициските службеници и граѓаните, со цел лоцирање и идентификување на безбедносните проблеми во локалната заедница и изградба на заеднички ефикасен систем за заштита од криминалот. Превентивното работење е обид за градење на партнерство со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми и изнаоѓање на најдобри решенија со кои ќе се намали стапката на криминалитетот, ќе се спречат штетните последици по граѓаните и општеството, а воедно ќе се подобри целокупната безбедносна состојба, потенцира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во изминатиов период, СВР Охрид има реализирано повеќе проекти на превентивен план што се спроведувале самостојно, но и во соработка со локалната самоуправа, школските и претшколски центри, Црвениот крст, невладините организации и други институции. Меѓу другите, успешно се реализирани проектите за превенција од кражби  на плажа, од моторни возила и паричници, проекти против злоупотреба на дрога и други облици на зависности и деструктивни појави, зајакнување на капацитетот на полицијата и примена на концептот на работа со заедницата, проект за безбедни училишта“, проект за безбедност на вода спроведен со езерската полиција, охридската капетанија и Црвениот крст, проект против злоупотребата на визната либерализација, проект „Мојот пријател полицаец“ реализиран со детските градинки, проект „Внимавајте на вашата безбедност“ реализиран со здружението на пензионери како и неколку проекти против насилството и малолетничката деликвенција.

OhridNews