Со низа активности секоја година во основното училиште „Св. Климент Охридски“ се одбележува 3-ти декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Учениците со психофизички пречки во развојот, згрижени во три посебни паралелки, како и оние кои се инклудирани во редовни паралелки, заедно со своите врсници од прво, четврто и шесто одделение, денес учествуваа на креативни работилници на кои изработуваа накит.
Креативни работилници се организираа во речиси сите училници во пресрет на патрониот празник на училиштето, новогодишните и божиќните празници, на кои учествуваат и родителите. Се изработуваа различни украсни предмети наменети за продажба.
– Одзивот на родителите ги надмина очекувањата, со што тие потврдија дека се вистински партнери во многубројните активности што ги организира училиштето, велат од училиштето.
Изработените предмети се наменети за продажната изложба која ќе биде организирана на 7- ми декември во 18 часот во холот на Центарот за култура „ Григор Прличев“, пред почетокот на свечената приредба што је оранизира училиштето во чест на Патрониот празник. Собраните средства ќе бидат наменети за набавка на дидактички средства за учениците со посебни потреби, како и за помош на социјално загрозената категорија ученици.
Учениците со психофизичка попреченост во развојот, со кои се реализира воспитно- образовната дејност во училиштето, заедно со учениците од редовните паралелки, минатата седмица настапија во Драмскиот театар во Скопје со своја претстава „Легенда за Охрид“ на Националниот фестивал за лица со и без хендикеп „Игри без маска – театар без дискриминација“. Со истата претстава ќе се претстават и вечерва во охридскиот Центар за култура во рамки на манифестацијата Инклузивна уметност, настан што се организира по повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лица со попреченост.
OhridNews