Во рамки на Проектот за управување со Дримскиот басен, за прв пат годинава, со низа настани во петте земји кои се опфатени со басенот  ќе се одбележи  5- ти мај,  Денот на реката Дрим. Активностите ќе имаат забавен и едукативен карактер и ќе траат седум часа, а ќе се одржат на брегот на реката Дрим, пред платото на Центарот за култура во Струга.

Настанот ќе започне во 11 часот со претстава за климатските промени која ќе ја изведат актери од Еколошки театар, по што ќе следи настап на македонски, турски и албански групи кои ќе изведат традиционални песни. Предвидена е и изложба на цртежи од најмладите кои ќе цртаат и покрај реката Дрим, а присутните ќе имаат можност да вкусат и традиционална еколошка храна од Македонија и Албанија. Во рамки на програмата ќе се одржи и еко тура со велосипеди. Слични активности ќе бидат организирани и следниот ден во Поградец- Албанија.

– Во рамки на одбележувањето на Денот на реката Дрим ќе има настапи на групи од регионот, ќе присуствуваат невладини организации, јавни личности. Настанот кој се одржува  за прв пат годинава ќе биде по теркот на Денот на езерото и се надеваме ќе стане традиционален, при што јавноста ќе го препознае овој ден не само на 5- ти мај, туку ќе биде поттикната низ целата година да размислува за опасностите и ризиците и чувањето на животната средина, вели Ѓоко Зороски од ЕД Грашница кое е организатор на настанот, со финансиска поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка.

Проектот  за управување со басенот на реката Дрим беше одобрен во 2012 година, а со неговата реализација се очекуваат низа бенефити особено за граѓаните во петте земји опфатени со басенот.  

–  Ќе се спроведуваат многу пилот проекти, ќе се направи план за управување со дримскиот басен и план кој треба да направи вид заштита од можни појави на поплави и суши и влијанието врз нивото на езерото од тие промени. Има и социјален бенефит кој ќе се изрази преку заедничка акција на инволвираните сектори во проектот и секако ќе се спроведе и јавна кампања за подигање на свеста. Проектот има и голема политичка регионална димензија , екологијата ќе ја искористиме повторно за промоција на политичките односи на петте земји, објаснува Дејан Паноски од Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро.

Датумот 5 мај кога ќе се слави Денот на реката Дрим  ја означува симболиката на  петте земји кои го делат природниот ресурс. Истовремено   ќе се одбележи во сите земји и ќе биде еден сигнал дека заедничкото управување со Дримскиот басен ќе биде меѓу приоритетите во наредниот период.

Т.К.