Во текот на вчерашниот ден, верниците од исламска вероисповед го започнаа чествувањето на еден од најголемите муслимански празници, Курбан Бајрам, или познат уште како празник на жртвата.

Во суштина, за овој ден се врзани низа обичаи и традиции, а според исламското учење на првиот ден од четиридневниот празник се изведува молитва – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Овој ден го означува еден од петте столба на исламската вера. Празникот се започнува со утринска молитва сабах-намаз, а потоа преку молитвата бајрам-намаз, муслиманите ја искажуваат почитта кон Алах со колењето курбан.  Се посетуваат роднините, постарите и најблиските, со честитки за среќа и  здравје кај сите.“ – вели Каљуш Кеви, од охридското Здружение Атлас.

Една од карактеристиките која го означува овој празник е принесување жртва-курбан, симболика која претставува приближување кон Бога. Како што објаснува Кеви, оваа година Здружението Атлас ќе принесе 22 глави жртва за празникот, а месото ќе биде раздадено на социјално загрозените семејства, сиромашните и најблиските.

Како и секоја година, нашето Здружение Атлас го организира овој настан каде се колат 22 големи глави како курбан, кои потоа се делат на социјално загрозените семејства и најблиските. Преку овој гест, односно споделување, се означува едно збижување помеѓу верниците и луѓето на кои најмногу им е потребна помош.“ – додава Кеви.

За овој празник, домашната трпеза е доста богата, а покрај месото за курбан, на сите добронамерници се дава и традиционална баклава.

Традиционално, трпезата е богата, има доста храна, се дава месото за курбан, а нормално неминовен дел е и баклавата. Сакам да ја искористам оваа прилика и на сите верници и сите луѓе да им го честитам празникот Курбан Бајрам, со желба за среќа, успеси и здравје.“ – потенцира Кеви.

Во текот на вчерашниот ден, градоначалникот Никола Бакрачески присуствуваше и на ритуалното подготвување на курбанот, традиционален ритуал кој го практикуваат верниците, муслимани за празникот Курбан Бајрам.

Честитки за овој празник, стигнаа и од политичките партии кои на верниците од исламска вероисповед им посакаа најискрени желби за радост, среќа, спокојство, благосостојба и добро здравје.

O.T.