Од неодамна во охридскиот стоматолошки центар ПЗУ „Д-р Целакоски“ во употреба е современ компјутерски томограф кој врши 3Д снимка со која во голема мера се поедноставува постапката за имплантолошко планирање. Овозможува опфат на сите структури во регијата на лицето, синуси, нерви, со што се отфрла секоја можност за евентуална повреда во текот на постапката.

Со помош на 3Д снимката точно се знае колкава густина има коската, ширина и висина и затоа не постои можност при орално хируршки процедури да се повреди било која од структурите. На пациентот може однапред да му се каже каква хируршка процедура следува, бидејќи точно се знае дали има доволно коска за да се стави имплант, дали е потребна некаква друга хируршка процедура, колку ќе чини, и колку долго ќе трае постапката, вели сопственикот на ПЗУ „Д-р Целакоски“, стоматологот д-р Зоран Целакоски, специјалист по стоматолошка протетика.

Д-р Целакоски потенцира дека предностите на 3Д снимката, која во светот се користи со години и е задолжителна, се многубројни. 

– Докторот може да го предвиди целиот тек на операцијата, нема непредвидливи ситуации, а и дополнителни трошоци за пациентот. 3Д панорамата овозможува точна локација на цисти, импактирани заби, што дополнително олеснува и други оралнохируршки интервенции. Точен број на корени и канали со што се олеснуваат ендодонтските процедури, вели д-р Целакоски.

Овој дигитален апарат засега е единствен во југо-западниот дел од Македонија, а во земјата функционираат уште три од кои еден во Скопје, Тетово и Гевгелија. Неговите поволности ќе можат да ги користат сите стоматолошки центри во Охрид и пошироко кои вршат имплантолошко планирање. Цената на 3Д снимката е 3000 денари, а снимањето трае околу 14 секунди.  

ПЗУ „Д-р Целакоски“ работи повеќе од 15 години и располага со најсовремена стоматолошка опрема и материјали кои се користат при работењето. Со постојано надоградување и едуцирање на кадарот се овозможува врвна професионалност, естетика и квалитет при давањето на стоматолошките услуги. Од „Д-р Целакоски“, потенцираат дека користењето на вакви современи начини на работа овозможува и поголеми можности за развој на денталниот туризам во Охрид. Притоа, се стекнува поголема доверба од страна на пациентите кои доаѓаат од странство за да вршат сложени стоматолошки интервенции во Македонија, кои воопшто не отстапуваат од светските трендови и квалитет на услуга, а се со далеку поприфатливи цени за разлика од оние во нивните матични земји.

Т.Кувенџиска