Недостатокот на полициски службеници неможе ништо да го надомести, економската криза е една работа, а безбедноста е сосема друга, ако нема безбедност ќе нема ниту економски развој, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на Охрид одговарајќи на новинарско прашање околу оправданоста на новите најавени 600 вработување во време на економска криза.

Оваа година се пензионираат околу 870 лица од МВР, а ние вработуваме 600 лица. Тоа значи дека нема дополнителни финансиски средства кои ги бараме во буџетот, туку вработуваме со сопствени финсиски средства кои се на располаѓање на Министерството за внатрешни работи вработуваме. Многу е важно младите луѓе кои се заинтересирани да бидат дел од македонската полиција, да бидат вработени, додаде Спасовски.

Одговарајќи, пак, на новинарско прашање дали се суспендирани од работа полициските службеници од ГП „Блаце“, за кои се поднесени кривични пријави за поткуп, информира дека на тој случај работи внатрешната контрола и кога ќе се затвори целиот случај, ќе се донесат одлуки во делот на водењето на дисциплинската постапка.

За полициски службеници кои направија кривично дело во однос на поткупот се поднесени соодветни кривични пријави. За сите полициски службеници, работи внатрешната контрола во однос на уништувањето на средствата за работа. За тоа постојат правилници, постојат упатства како и на кој начин ќе се користи опремата и секако дека покрај дисциплинската ќе има и материјална одговорност во овој дел. Ние известуваме и надлежно обвинителство кое што работи, а тоа е Одделението во ЈО за организиран криминал. Доколку се утврди дека има елементи на сторено кривично дело ќе одговараат и кривично тие полициски службеници коишто го сториле тоа кривично дело. Меѓутоа, мора да се знае точно да се утврди и оние коишто направиле и материјална штета на МВР да си ја покријат таа материјална штета, истакна министерот Спасовски по работната посета на СВР Охрид.

Н.С.Ј.