Фирмата „Мирен Сон“ е основана во далечната 1991 година со почетокот на приватизацијата и осамостојувањето на државата и уште од самиот почеток наметна нови стандарди во работењето секако во согласност со верските обичаи и традиции, отфрлајќи одредени стари „адети“ кои не кореспондираат со времето во кое се живее и ги оптоварува семејствата во време на тага со непотребни обврски. Денес после 22 години работа оваа компанија ги врши поголемиот дел од обврските при погребување, а истовремено и го модернизира целокупното работење со имплементација на Европскиот стандард за погребални услуги. Компанијата активно учествува во процесите на изработка и изменување на постоечката законска регулатива во погребалните услуги, а нејзините ставови и сугестии се земаат предвид од страна на изготвувачот на законите. Следејќи го новото време „Мирен Сон“ од пред извесен период започна иницијатива за намалување на бројот на класични некролози кои неретко се поставуваат на несоодветни места на улиците и нивна објава на специјализирана веб страна на Интернет. За мотивите за овој потег и работата на компанијата говори сопственикот на компанијата „Мирен Сон“ Денис Шибакоски.

OhridNews: Иако смртта е составен дел од животот, тоа е момент кој предизвикува голема тага кај семејството и блиските на починатиот. Вие на некој начин овозможувате блиските достојно да се простат од починатиот, преземајќи ги сите потребни обврски во таква ситуација. Многумина за сите пари на светот не би ја работеле вашата работа, и токму затоа истата има специфична тежина, но и законски обврски кои внесоа доста промени. Какви?

Денис Шибакоски: Вложуваме голем труд и внимание и најголем дел од обврските при погребувањето ги извршуваме ние. Благодарение на довербата на граѓаните го постигнавме нивото семејствата да немаат скоро никакви обврски. Тимот кој работи во Мирен Сон е високо професионален со големо работно искуство и организирањето на погребната церемонија ја врши во зависност од барањата на клиентите. Во однос на модернизирањето на погребната церемонија извршени се многу промени и денес сме на ниво да организираме погребување со униформиран персонал за носење и придружба, организирање говори, книги на жалост, црковно духовно пеење, погребни оркестри, меморијални видеа, изложби итн. Во погребувањето на лица од муслиманска вероисповед извршена е промена и модернизација на целата погребна опрема. Во поглед на запазувањето на здравствено санитарната заштита местата каде што се работи се максимално заштитени, граѓаните немаат повеќе директен допир со земјата, а посебно внимание се обрнува на хигиената и заштита на животната средина.

Како најдобра потврда за нашата работа е тоа што неколку нови погребни претпријатија од републикава имаат испратено свои тимови кај нас на обука. 

Денис Шибакоски

OhridNews: „Мирен Сон“ пред извесен период започна со објава на некролозите на специјализирана веб страна на Интернет. Кои беа мотивите за еден ваков потег?

Денис Шибакоски: Од пред околу една година како стартешка цел почнавме некролозите да ги поставуваме на нашата веб страна, нешто што е секојдневие во светот. Посетите од ден на ден растат и се надеваме дека после извесен период ќе успееме информациите за починатите лица наместо од по бандерите, граѓаните на Охрид да ги добиваат од нашата веб страна.

OhridNews: Законот ве обврзува и во сегментот на погребните возила кои мора да исполнуваат одредени стандарди? 

Денис Шибакоски: Уште на стартот на работењето набавивме погребно возило кое беше првото атестирано погребно возило во Македонија, а денес „Мирен Сон“ располага со 3 специјални погребни возила „Мерцедес“, од кои едното е првото атестирано погребно возило во Македонија со вграден ладилник на -20 степени. Исто така на располагање имаме и специјално погребно возило за превоз на лица од муслиманска вероисповед, кое во соработка со Исламската верска заедница од една незавидна состојба го доведовме во состојба да биде модерно опремено погребно возило по сите стандарди.

OhridNews: Живееме во време на економска криза и низок стандард. Погребот за жал за многу семејства покрај траума претставува и големо финансиско оптоварување. Внимавате ли на социјалниот аспект?

Денис Шибакоски: Уште од почетокот на нашето работење наша заложба беше да ги имаме најниските цени на погребната опрема во што и успеваме и тој тренд го продолжуваме и ден-денес. Во  „Мирен сон“ веќе подолг период ги имаме најниските цени на погребната опрема во регионов и во Македонија. Дел од услугите како подготовката на починатите лица веќе 22 години е бесплатна, превозот на починатите лица на територија на општина Охрид исто така е бесплатен.

OhridNews