Советот на општина Охрид, на денешната седница ја усвои програмата за подобрување на ефикасноста и квалитетот на такси превозот,која опфаќа и субвенционирање на такси превозниците кои ќе го изучуваат англискиот јазик, согласно измените на законот за патен сообраќај.
– Општина Охрид и град Скопје се првите општини кои организирано ќе почнат да помагаат во примената на измените од законот, односно обврската на такси компаниите кои ќе треба покрај другите пропишани услови за добивање лиценца за работа да имаат и сертифицирани такси превозници кои го познаваат англискиот јазик. Локалната самоуправа со цел да им излезе во пресрет на потребите на превозниците и врз основа на бројните средби одржани со нив одлучи да помогне. Донесовме програма во која се наведува под кои услови општината ќе помогне во процесот. Во рамки на работничкиот универзитет „ Кузман Шапкарев“ ќе се формира посебен курс за обука на превозниците, а општината објави оглас за пројавување на интерес за пријавување на такси превозниците кои сакаат да ја користат услугата .68 лица добија право субвенционирано да го посетуваат курсот,а за другите услугата е отворена и можат да пристапат и го искористат пакетот.Обуката може да се изврши и во друг лиценциран центар, рече секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Советниците од опозицијата со реакција на донесената програма сметајќи дека станува збор за празна програма во која не се наведени мерки со кои ќе се подобрува ефикасноста на такси превозот во градот.
– Најважно е што не се знае ниту колкав е буџетот наменет за оваа програма и од кои средства ќе се финансира. Секако дека ние сме за подобрување на квалитетот на услугите на такси превозот со добра стратегија, но на овој начин со носење на вакви програми во советот, сметам дека ќе дојде до долгорочни последици кои негативно ќе се одразат во такси превозот, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
Спасески со одговор дека секоја активност е буџетски проектирана и предвидена во рамки на буџетот и дека се издвоени средства за субвенционирање на овие курсеви. Советот ја изгласа и иницијативата за експропријација на градежно земјиште во близина на градскиот пазар на кое е предвидена изградба на катна гаража, како и предлог одлуката за извршување на Буџетот за 2015 година. Советниците усвоија и низа предлог одлуки за легализација на бесправно изградени објекти во општината.
Т.К.














