Пеперутки, пчели, бубамари, цвеќиња-  денес го исполнаа градскиот плоштад каде над 500 деца од сите градинки во општината го славеа доаѓањето на пролетта. Со својата изведба на музичко- ритмички точки ги воодушевија присутните и покажаа што научиле во текот на годината за ова годишно време.

Традиционално и оваа година, во рамки на програмата за работа, доаѓањето на пролетта го одбележуваме со оваа манифестација. Учествуваат деца на возраст од 4 до 6 години, кои облечени во пролетни украси ја слават пролетта, вели директорката на градинката Розе Костоска.

И годинава манифестацијата се одржа со поддршка на локалната самоуправа.

Атмосферата е прекрасна, мислам дека на секого кој не е тука ќе му биде криво што не е присутен. Според ова што може тука да се види, овој сончев ден, мислам дека е наговестување на топол, сончев период и успешна сезона со многу гости, изјави заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Годинешната прослава на доаѓањето на пролетта имаше и хуманитарен карактер- родителите имаа можност да донираат средства за лекување на малиот Кирил.

OhridNews