Српската заедница во Охрид, по петти пат со пригодна свеченост го одбележа православниот празник „Св. Сава“. Со богата трпеза низ оро и игра, православните Срби од градот на достоинствен начин му одадоа чест на овој светец.

Традиционалната манифестација се одржа во ресторанот „Белведере“, а претседателот на Српското друштво „Коштана“ од Охрид , Зоран Цветковиќ, задоволен од присуството на своите сограѓани.

Веќе неколку години, традиционално се собираме во овој ресторан. Преку сечењето на православниот колач, го одбележуваме празникот. Всушност, „Св. Сава“ е празник на образованието, а за сите православни Христијани има огромно значење.“ – вели Цветковиќ.

Цветковиќ смета дека српската заедница во земјава, ги ужива сите права кои ги имаат останатите заедници. „Благодарен сум на сите мои пријатели Македонци и охриѓани, кои не подржуваат за оваа прослава. Соработка имаме со сите здруженија на ниво на земјава, а посебно со побратимското Друштво „Гоце Делчев“ од Врање. “ – додава Цветковиќ.

Веќе неколку години, Српското друштво „Коштана“ спроведува низа активности за промоција на српската култура и зачувување на обичаите.

До сега, имаме направено четири српски вечери на ниво на град Охрид. Од 2009-та година, имаме една ревија на српски филмови во градот, кога гостин ни беше режисерот Дарко Бајиќ. Минатата година, во посета ни беше писателот Љубивое Рашумовиќ. “ – вели Цветковиќ.

Оваа година, на манифестацијата беа доделени благодараници на поединци и институции, кои придонеле за афирмацијата на здружението.

За во иднина, како што потенцира Цветковиќ, во зависност од финансиските средства предвидение се неколку проекти, за промоција на традициите на српската заедница на едно повисоко ниво.

OhridNews