Со пет златни, три сребрени и два бронзени медали се закитија членовите од Теквондо клубот „Хваранг Фист“ на 4-тото коло од Македонската Теквондо лига која се одржа викендов во Скопје во организација на Македонската Теквондо Федерација и Теквондо клубот „Кобра“ на кое учествуваа 250 натпреварувачи од клубовите членки на МТФ.

Охридскиот клуб „Хваранг Фист“ учествуваше со 10 натпреварувачи во 3 старосни категории, пионери, кадети и јуниори и освои нови 69 поени.

Ненад Целески, Максим Ристески, Ристе Ѓелески, Теона Целеска и Ева Милошоска се закитија со златни медали во своите категории, Емилија Целеска, Ѓорѓи Петкоски и Петар Петкоски изгубија во финалните борби и мораше да се задоволат со сребрен медал, додека Јана Спироска и Доротеа Најдеска иако го поминаа четвртфиналето изгубија во полуфиналето и останаа на бронзениот медал. Воедно, нашиот Ненад Целески беше прогласен за најдобар Јуниор на турнирот. Иако не во комплетен состав овие 69 поени ни значат многу за конечниот пласман во оваа натпреварувачка сезона. Ни остануваат уште 2 кола до крај на сезоната, велат од клубот.

Напоменуваат дека во среда четворица натпреварувачи од клубот Ненад, Јана, Ѓорѓи и Петар како дел од Македонскиот национален тим заминуваат на Балканското првенство во Дупница, Р. Бугарија.

OhridNews