Владата и покрај сите предизвици кои се исправија пред нас – здравствената, економската и енергетската криза, не се откажа од развојот на патната инфраструктура бидејќи ако се откажевме, тоа ќе значеше дека се откажуваме од создавање можности. Денешната глобална светска економија, конкурентниот напредок на секоја држава, наметнува потреба за најефикасно патување и транспорт на стоки и на луѓе. Ако сакаме да имаме подобра поврзаност со соседните земји и главните трговски патишта, квалитетната транспортна инфраструктура е повеќе од потребна. Со тоа го зголемуваме пристапот на Северна Македонија до глобалните пазари и овозможуваме полесен, побезбеден и побрз извоз. Ја поттикнуваме регионалната соработка, ја олеснуваме соработката со соседните земји и го олеснуваме нашето учеството на регионалните пазари. Тоа го порача премиерот Димитар Ковачевски, на отворањето на дводневната Прва конференција за патна инфраструктура што во огранизација на Стопанската комора на РС Македонија од денеска се одржува во Охрид.

Ковачевски од говорницата посочи дека Владата што ја предводи е во голем инвестициски циклус, со обнова и реконструкција на патната инфраструктура низ целата држава.

Пред да дојдам овде бев на увид на рехабилитиран пат-на патниот правец кон Ќафасан-границата со Албанија. Оваа 2023 година го пуштивме во употреба магистралниот пат Куманово – Страцин, со што го завршивме зацртаниот проект за реализација на источниот дел на Коридорот 8 за кој беа потребни децении, за овој пат да биде рехабилитиран, но тоа го направивме оваа година…Во моментов се работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, каде што со реконструкцијата и проширувањето до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8 каков што никогаш немала нашата држава. Во тек се рехабилитациите на патните правци Велес-Градско, регионален пат Битола-Меџитилија, Скопје-Блаце, Катланово-Велес, Струмица-Дабиле итн, истакна Ковачевски.

Тој посочи дека со развојот на патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување и за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Во таа насока, потсети дека изминатите пет години се вложени преку милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта.

Наша цел е Северна Македонија да има подобри патни врски со соседните европски земји, бидејќи тоа значи и интеграција на државата во регионалните и европските економски мрежи, тоа значи олеснување на прекуграничната трговија и соработка. Затоа со изведбата на Коридорите 8 и 10, во следните четири години ќе се градат по 23 километри автопат годишно. Со ова ќе овозможиме зголемување на обемот на трговијата и ќе создадеме можност за потенцијално зголемување на извозот. Ќе овозможиме Северна Македонија да стане поатрактивна дестинација за нови странски инвестиции, кои носејќи капитал во нашата држава, ќе отворат и можности за нови вработувања, истакна Ковачевски.

Со тие паневропски коридори Северна Македонија станува вистинска крстосница на Балканот, ја позиционира државата на економската и инфраструктурната мапа на Европа, а како што нагласи, европската ориентација на Владата земјата и нејзината европска иднина ќе значи достапност до фондови за развој, можност за јакнење на економиите на помалку развиените земји членки, значи поддршка на проекти за подобра животна средина, проекти за приклучување на трансевропските мрежи во областа на транспортната инфраструктура, значи и правни, институционални, економски реформи, коишто ќе бидат ускладени со правилата и стандардите на Европската Унија.

Министерот за транспорт и врски Блајог Бочварски, од своја страна потсети дека градежништвото и градежната индустрија е една од носечките гранки во домашната економија, со учество во Бруто домашниот производ меѓу 5 и 7 проценти изминатата деценија, а дека од вкупната работна сила ангажира преку 50 илјади работници или преку седум проценти од вкупните вработени во земјава.

Секој денар вложен во изградба на патиштата, желеницата, гасоводи е влог за идните генерации, за економски развој и просперитет на Република Северна Македонија. Инвестициите имаат и дополнителна додатна вредност за развојот на домашните компании, за продуцирање на нови квалитетни кадри и тоа што сметам дека во иднина треба да работиме е синергијата меѓу образовниот процес и градежната дејност, рече Бочварски.

Министерот истакна дека во делот на инвестиционата активност, инвестициите во инфрастрктурата се позиционирани на највиско историско ниво.

Вложуваме преку 1,5 милијарди евра во изградба и рехабилитација на преку петнаесет патни правци во државата . Вложуваме преку 200 милиони евра во изградба на железница и подготвуваме проекти за преку 500 милиони евра исти така во изгардба на нови пруги. Вложуваме преку околу 160 милиони евра во секундарната гасификација. Само оваа година вложивме преку десет милиони евра во локални патишта. Ова сериозни инвестиции бараат сериозни и посветени тимови од проектанти до надзорни органи и изведувачи. Затоа Ве повикувам сите заедно да работиме за иднината на државата, нагласи Бочварски.

Во рамки на Конференцијата за патна инфраструктура во Охрид овие два дена ќе се одржат шест панел дискусии со треиееттина панелисти, на кои се очекува да се направат анализи за тоа во која насока се движи градежнишптвото како стопанска дејност, во каква финансиска и човечка кондиција се наоѓаат домашните компании.

OhridNews