Со поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ словачкиот поет Иван Штрпка и поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година, денеска продолжува 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
На програмата на меѓународната поетска манифестација се портрет на Катица Ќулавкова, добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за 2024 година и промоција на преведеното издание во едицијата „Плејади“, како и портрет на добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година, Матеуш Шимчик (Полска).
Ќе бидат претставени и книгите објавени во едицијата Плејади на Антонела Анеда од Италија и тематската антологија „ДИОНИС И СВЕТИ ТРИФУН“ (панорама на современата македонска винска поезија).
Учесниците на Фестивалот ќе имаат можност да слушнат современа македонска поезија, а вечерта ќе биде резервирана за поетите од платформата Версополис и меѓународното поетско читање „Кругови“.
Пред полноќ ќе биде врачена наградата „Млада Струга“ за 2025 година за необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, што ја доделува националата установа „Струшки вечери на поезијата“ со поддршка на делегацијата на Европската унија на годинашниот добитник поетот Андреј Анѓеловиќ.
Неизоставен дел од манифестацијата е музичко-поетскиот перформанс Ноќ без интерпункција.
64-тото издание на Струшките вечери свечено почна синоќа со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ. Фестивалот за отворен го прогласи, покровителот на манифестацијата, претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата Никола Кукунеш.
OhridNews