Да се воспостават директни чартер летови Охрид- Москва и што поголем број организирани групи руски туристи да го посетуваат Охрид, се темите за кои се разговараше на денес одржаната средба помеѓу претставниците од Секторот за туризам и локален економски развој и генералниот менаџер на “ 7ТОУР“ компанијата од Москва- Русија , кој е во неколкудневна работна посета на Охрид.
– Секторот за Туризам и Локален Економски Развој на руската делегација им ги предочи сите позитивни карактеристики на охридскиот туризам од аспект и надлежност на Локалната самоуправа. Позитивно би било кога Македонија би влегла како опција на сите туристички саеми , со оглед на тоа што ни беше посочено дека земјава а со тоа и Охрид, речиси и да не се познати за Русите. Ние ќе се потрудиме преку оваа соработка да овозможиме презентација на Охрид како туристичка дестинација. Како локална самоуправа веќе имаме конкретни чекори. Тука е подготовката на пропагандниот туристички материјал кој ќе се подготвува и на руски јазик. Се подготвуваме и за учество на најголемиот европски туристички саем во Москва – изјави по средбата раководителот на ТЛЕР , Ѓоко Апостолоски.
На средбата со руската делегација било разговарано и за можноста Охрид да се промовира во најпознатата руска туристичка брошура “Полиглот“ која се печати во милионски тиражи.
OhridNews