Одделот за недозволена трговија со дрога при МВР пресече меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана, на релација Албанија – Македонија – Р. Србија и понатамошен транспорт во земјите на западна Европа. При реализација на случајот запленети се 152 килограми високо квалитетна марихуана, на нарко-пазарот позната како „СКАНК“.

За време истрагата обезбедени се докази за криминална инволвираност во овој случај, на четири лица членови на меѓународна организирана криминална група составена од двајца албански, еден македонски и еден српски државјан,  против кои до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

При реализација на случајот од слобода се лишени двајцата албански и македонскиот државјанин, додека српскиот државјанин се уште не е достапен на полицијата и се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

Имено, двајцата албански државјани во текот на изминативе месеци од засега непознато лице од Р. Албанија ја набавиле споменатата запленета количина на наркотична дрога марихуана, а потоа истата ја спакувале во 47 пакувања и ја сместиле во четири големи црни платнени торби кои ги транспртирале од Р. Албанија во Р. Македонија, а потоа марихуаната му ја продале на пријавениот македонски државјанин кој требало да ја транспортира во Р. Србија и по претходно остварен договор да му ја продаде на пријавениот српски државјанин, за цена од 1000 евра за килограм.

На 05.12.2012 год. пријавените албански државјани, со ПМВ марка ..Мерцедес“ со албански регистарски ознаки, оствариле влез во Р. Македонија на граничниот премин ,,Ќафасан“, по што се сретнале пријавениот македонски државјанин и се договориле околу начинот и местото на купопродажба на наркотичната дрога марихуана. По ова македонскиот државјанин, со комбе марка ,,,МЕРЦЕДЕС“, се упатил на магистралниот пат Струга-Ќафасан, поточно во атарот на с. Мали Влај – Струга, од каде ги земал четирите црни платнени торби во кои биле сместени 47–те пакувања со наркотична дрога марихуана и истите ги ставил во товарниот простор од возилото, по што се упатил во правец кон Струга, а потоа кон Скопје. За цело време од неговото движење кон Струга пријавените албански државјани со своето возило се движеле пред возилото во улога на ,,чистачи“.

Околу 20.00 часот на магистралниот пат Струга-Охрид, од страна на полициски службеници запрено е комбето ,,,МЕРЦЕДЕС“ и при  извршен претрес во истото во багажниот простор се пронајдени патните торби со споменатата количина на марихуана. Околу 21.30 часот, на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на с. Другово од страна на полициски службеници е запрено и возилото марка „Мерцедес“ во кое биле пријавените  албански државјани.

Продолжува истрагата за утврдување и на други лица инволвирани во случајот.

OhridNews