Со одлука на владата објавена во Службен весник, земјоделско земјиште во атарот на селото Љубаништа се пренаменува во градежни парцели. Според најавите на овој простор индискиот бизнисмен Субрата Рој сака да гради туристички комплекс.

На овој простор голем имот има Македонската православна црква, односно Дебарско – кичевската епархија. Надлежниот митрополит, г. Тимотеј на неколку наврати јавно соопшти дека црквата не е заинтересирана за отуѓување на земјиштето, додека Синодот на МПЦ официјално се нема изјаснато за ова прашање.

Локалното население во Љубаништа, кое исто така поседува имот на просторот каде е предвидена изградбата на туристичкиот комплекс, очекува да биде запознаено со плановите од страна надлежните институции, што до сега не било направено.

Инаку, во Љубанишко поле наскоро Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, ќе започне археолошки истражувања, за што се чека согласност од Министарвото за култура. Истражувањата ќе се вршат на иницијатива на Месната заедница Љубаништа, од каде објаснуваат дека тие побарале да се испита Љубанишко поле каде се претпоставува дека има културно историско наследство, и православни артефакти.

OhridNews