По повод 24-јуни, Меѓународниот ден на Балканските Eгипќани, невладината организација ПТАХ 2013 од Струга организира културна манифестација, во чии рамки премиерно беше прикажан документарниот видео запис посветен на заедницата на Балкански Египќани. Присутните имаа можност да ја видат и изложбата на стари фотографии кои ги прикажуваат културните вредности, традиција и историја на заедницата на Балканските Египќани.

На манифестацијата присутствуваше и специјалниот советник за мултикултура проф.др Рубин Земон од кабинетот на премиерот Зоран Заев и директорот за остварување на правата на заедниците, Илхам Рахман.

Претседателот на НВО ПТАХ 2013, Мајер Зуко, изрази надеж дека наскоро припадниците на заедницата на Балканските Египќани ќе бидат целосно интегрирани во општеството, како посебна етничка заедница заедно со останатите етнички заедници споменати во преамбулата на уставот на РМ.

Проектот е финансиран од ЕУ, во рамките на проектните активности на проектот „Диверзитетот е тренди“ кој го имплементира НВО ПТАХ 2013 од Струга.

OhridNews