Здружението на Власите „Луњина“, вчера во големата сала на општина Охрид, со пригодна свеченост го одбележа националниот ден на Власите, 23-ти мај. На настанот присуствуваа голем број членови на здружението, почитувачи на влашката заедница како и претставници на локалната самоуправа.
Пред бројните присутни се обрати претседателот на Здружението на Власите „Луњина“, Драган Коровешовски, кој истакна дека на овој ден во 1905-та година влашкиот народ е признаен како посебен.
„Овој празник е особено важен во националната историја на Власите. Потребно е да се организираме за понатаму сите заеднички да пристапиме во креирањето на иднината на Здружението и местото на Власите во нашите средини. Нека биде ова почетна иницијатива за што поскоро да отвориме клуб, каде припадниците на оваа заедница ќе можат редовно да се собираат, односно да формираме библиотека како сите заеднички би имале бенефит од истата.“ – истакна Коровешовски.
Во име на општина Охрид и градоначалникот Никола Бкрачески празникот на влашката заедница и го честита претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации при Советот на општина Охрид, Дејан Пановски.
„Би сакал во лично име и како претставник на Комисијата за одбележување празници и манифестации да ви го честитам 23-ти мај. Власите биле, се и ќе бидат посебен народ со свои обележја и карактеристики. Влашката заедница во Охрид е одамна пристуна и како жителство, но и во јавниот и политичкиот живот. Со своето залагање и примерност, припадниците на оваа заедница постигнале успеси кои биле достигнувања на целиот град и приказ како да се биде член на локалната заедница, односно државата.“ – изјави Пановски.
Охридскиот историчар на уметност, Гоце Жура, кој ги проучува влашките културно-историски споменици и црквите во влашките населби, на Здружението „Луњина“ му подари книга, во која се соддржани текстови за Москополе, Охридскиот архиепископ Прохор и целосна обработка на црквата „Св. Никола“ во „Долна Влашка Мала“.
„Како историчар на уметноста, веќе неколку години наназад ги истражувам сакралните објекти во Р. Албанија, посебно во преспанскиот и москополскиот крај. Сум дошол до големи научни сознанија кои фрлаат нова светлина за градот на Москополе. Со откривањето на неколкуте ликови на светите Климент и Наум, се пополнува една голема празнина во вашата долгогодишна црковна историја. Според натписот кој се наоѓа на западната велезна врата на црквата „Св. Никола“, таа е подигната од страна на влашката заедница од Охрид, во јуни 1863-та година во времето на архиерејот Мелетиј.“ – истакна Жура.
Поранешниот директор на НУ Завод и Музеј – Охрид, Јордан Трца, пред присутните го објасни историското значење на Националниот ден на Власите.
„На 23-ти мај по стариот календар, или 19-ти мај 1905-та година, султанот Абдул Хамид Втори со сулстански акт донел одлука Власите да имаат исти права како сите народи во Отоманската Империја. Дозволено било да бираат муфтари или градоначачници и да држат богослужба во своите цркви. Инаку одлуката за Националниот ден на Власите е донесена на 9-ти декември 1990-та година во Битола, на основачкото собрание на Лигата на Власите. Донесени се одлуки за утврдување на влашкото знаме, грб и химна. Веднаш после тие одлуки, секоја година Лигата на Власите во различни градови го одбележува Националниот празник.“ – истакна Трца.
Инаку, во рамки на активностите кои следат, Здружението „Луњина“ ќе учествува на собирот кој на 29-ти јуни ќе се оддржи во соседна Грција.
O.T.