СВР Охрид продолжува и понатаму да се грижи за безбедноста и сигурноста на сите граѓани, независно од полот, расата, возраста и да има еднакво гледање кон сите граѓани, поради кои и секторот всушност постои, беше истакнато на денешната свеченост во просториите на Секторот за внатрешни работи каде со пригодна свеченост беше одбележан 7-ми мај, Денот на македонската полиција.

СВР Охрид своите обврски и задачи на безбедносен план ги извршува професионално, законито и  пожртвувано со целосна соработка со надлежните институции. Посветени кон безбедноста на граѓаните работиме според демократските принципи и со целосно почитување на основните човекови права. Почитуваме европски полициски стандарди во откривањето и расветлувањето на кривичните дела, како и во пронаоѓањето на нивните сторители, рече началникот Сашо Смилески.

Како што нагласи портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, Секторот за внатрешни работи претставува современа полициска организација која во сите сегменти од своето делување и работење е исклучиво посветена на граѓаните.

На граѓаните, нивните потреби и задоволувањето на сите нивни барања од безбедносен аспект, но и од секоја друга гледна точка, бидејќи управните служби кои неуморно работат во интерес на граѓаните се составен дел од сервисот на СВР кон целата популација, рече Димоски.

Извршените анализи на работењето на секторот во периодот од јануари до април покажуваат дека во првите четири месеци годинава регистрирани се вкупно 175 казнени дела, што значи намалување во однос на бројката 208 која се однесува на истиот период минатата година.

Во однос на расветлувањето на кривичните дела, ефикасноста е 53%, што е зголемување во однос на истиот период минатата година кога изнесувала 47%.

Т.К.