По повод смртта на примариус д-р Илија Прангоски, денеска во големата сала на општина Охрид се одржа комеморација.
Од д-р Прангоски со пригодни обраќања, се простија неговите колеги од Заводот за кардиологија, Здружението на лекари од Охрид, чиј претседател беше тој, како и претставници на Лекарската комора од Охрид и Македонското лекарско здружение.
„Денеска сме тука да му оддадеме почит на примариус д-р Илија Прангоски, по повод неговата ненадејна смрт. Веста за прераната смрт на д-р Прангоски нас вработените во Заводот не затекна на работно место. Со него, се запознавме уште во 82-година од самото отвoрање на самиот завод. И покрај тешките услови за работа, со нашата младост, ентузијазам, љубов кон медицината и сите предизивици успеавме да ја развиеме кардиологијата во регионот. Покрај професионалното, со д-р Илче се дружевме и во приватниот живот. Тој свиреше добро гитара, па често се дружевме до раните утрински часови.“ – истакна примариус д-р Тоде Клишески од Заводот за кардиологија „Св. Стефан“ од Охрид.
Примариус д-р Илија Прангоски беше докажан професионалец, интернист и лекар кој остави белег во развојот на самиот Завод за кардиологија во Охрид. Истовремено беше претседател на Здружението на лекари од Охрид. Од името на Здружението, на денеската комеморација се прости д-р Јованка Точко.
„Лекарскиот еснаф е длабоко потресен и шокиран од ненадејната и прерана смрт на примариус д-р Прангоски. Изразуваме длабоко и искрено сочувство до семејството, до неговите најблиски. Тој несебично го изградуваше делот на здравствениот сектор во родниот Охрид и тоа во најчувствителниот дел, кардиоваскуларните заболувања. Охрид и цел југо-западен регион, со прераната смрт изгуби почитуван и респектиран колега, врв ен кардиолог и еминентна личности која засекогаш ќе остане втемелена во сеќавањата како на охриѓани така и на многубројните пациенти.“ – исаткна д-р Точко.
Во името на Македонското лекарско здружение, од примариус д-р Илија Прангоски се прости претседателот, професор д-р Јован Тофоски.
Инаку, посмртните останки на д-р Илија Прангоски ќе бидат изложени денеска во капелата на градските гробишта во Охрид од 14 до 15 часот, по што ќе биде извршен погребот.