Со отворање на изложбата „Пикасо можеби јас“ од македонскиот уметник Филип Фидановски и проекција на филмот „Шампиони“ од режисерот Хавиер Фезер, вчеравечер во Охрид почна „Неделата на шпански филм“.

На отворањето на изложбата, во Центарот за култура „Григор Прличев“ присуствуваа градоначалникот Кирил Пецаков и амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луиз Лосано Гарсија.

Изразувајќи уверување дека публиката ќе ужива во понудените филмови и уметноста на Фиданоски, градоначалникот Пецаков смета дека „Неделата на шпанскиот филм“ е вовед во пред празничната атмосфера во градот.

Повеќемесечните разговори и заложби за културна соработка и презентација на шпанската култура во Охрид вродија со плод и вечерва и во наредните денови, ќе имаме можност поблиску да се запознаеме со шпанската кинематографија, а преку изложбата на Филип Фиданоски ќе одбележиме 140 години од раѓањето на шпанскиот и светски великан Пабло Пикасо, рече Пецаков во обраќањето вчера.

Шпанскиот амбасадор во земјава посочи дека со изложбата „Пикасо можеби јас“ се оддава почит на најдобриот и најрепрезентативен уметник на 20 век, Пабло Пикасо.

Во рамките на шпанскиот филмски циклус, додаде, ќе бидат прикажани три филма.

Започнуваме со една многу посебна комедија „Шампиони“, која ги возвишува вредностите како што се достоинството, дарежливоста и другарството. Дозволете ми да напоменам дека во Шпанија и јавните власти и граѓаните со години работат на подобрување на перцепцијата и третманот на лицата со попреченост. Несомнено, има уште работа да се направи, но горди сме што можеме да кажеме дека одржуваме солидарна и цврста посветеност на развојот на политики и иницијативи во корист на најранливите луѓе и групи, рече Гарсија.

Според програмата, денес ќе биде прикажан филмот „Тајната во твоите очи“, во шпанско-аргентинска копродукција, додека во четврток ќе биде прикажан „Лесно е да се живее со очи затворени“, на режисерот Давид Труеба.

OhridNews