Во ОУ „Св. климент Охридски“ , како и во другите основни училишта во нашата општина, се реализира програмата  „Вештини на адолесценција“  подржана од Министерство за образование и наука на Република Македонија. Програмата е во организација и ја промовира Канцеларијата за борба против криминал и дрога при Обединетите нации (УНОДЦ) и досега е реализирана во повеќе западни држави и во соседна Србија.

Резултатите од егзактните истражувања спроведени во спомнатите држави го оправдуваат нашиот оптимизам дека оваа програма ќе има позитивни очекувани ефекти и во нашата средина. За да се свати значење на оваа програма, мораме да се потсетиме дека со децении наназад се обидуваме да најдеме соодветни и ефикасни начини за да ги заштитиме младите од многубројните искушенија и опасности кои демнат над нивното физичко и психичко здравје. При тоа баравме соодветни начини, блиски до младата популација со цел да се стекнеме со доверба кај нив, да им се доближиме во училиштата, преку семејствата, да изнајдеме најсоодветни модели за едукација и превенција на овој план. Во период што е зад нас организиравме многубројни предавања за болести на зависности, разновидни трибини, работилници, едукации за родителите и наставниците и слични форми. Сосема е извесно дека честопати, и покрај најдобрите намери, не постигнувавме сакани ефекти. Од тоа можеме да заклучиме дека не е доволно или потребно младите само да се информираат или застрашуваат, вели Славица Илиќ, педагог во ОУ „ Св. Климент Охридски“.

Програмата „Вештини за адолесценција“ овозможува учениците   на  интересен , а едновремено суптилен и непосреден начин да се стекнат со потребните вештини и способности што во иднина ќе ги применуваат за здрав и безбеден живот. Таа опфаќа неопходно потребни теми и одлично  селектирани содржини   за млади луѓе кои  ќе имаат огромно влијание врз формирање на здрави и емотивно стабилни личности на адолесцентите.

Се реализира во вид на работилници кои  изобилуваат  со различни техники, игри и мразокршачи кои придонесуваат за создавање на позитивна атмосфера  и воспоставување на исклучително важни  конекции  помеѓу учениците, што придонесува за нивното подлабоко и суштинско меѓусебно запознавање. Програмата нуди алатки за развивање на  самодоверба, учење комуникациски вештини и јакнење на односите со врсниците, развивање  емоционална интелегенција и правилно управување со чувствата, правилно донесување одлуки и избори. Таа е сеопфатна и ги вклучува семејствата како најважен фактор во формирањето на личноста на адолесцентите. Во програмата се нудат дозирани  информации за штетното влијание на тутунот, алкохолот и психоактивните супстанци (дроги), се поттикнува развој на критичко мислење, се формираат  цврсти ставови кај учениците да кажат НЕ на негативните влијанија на средината, се поттикнува зачувување на личен интегритет кај учениците и отпор кон формирање со негативни референтни групи врсници како и способност да се носат правилни одлуки за здрав и безбеден живот, нагласува Илиќ. 

Во ОУ „Св. Климент Охридски“ со програмата се опфатени 45 ученици.

OhridNews