Со промоцијата на книгата „70 Години Библиотека „Григор Прличев“- Охрид“ од авторот Милчо Јованоски започнуваат годинешните „Прличеви беседи“. Промотор ќе биде новинарот и публицист Свето Стефаноски, а настанот ќе се одржи во „Прличевата одаја“ денес со почеток во 12 часот.

Програмата продолжува во недела на 5 февруари каде со почеток во 11.45 часот ќе биде поставена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон, а од 12 часот е свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“.

Во рамки на свеченоста предвидено е настап на хорот при НУЦК “Григор Прличев“ (1762 лето), обраќање на претставник од НУЦК „Григор Прличев“, обраќање на претставник од Општина Охрид, претставување на наградената поема „Коњски житија“, артистичка изведба на наградената поема „Коњски житија“, врачување на Повелбата за најдобра поема за 2022 година како и свечено обраќање на лауреатот Зоран Анчески. Свеченоста ќе се одржи на малата сцена при НУЦК „Григор Прличев“.

Во понеделник на 6 февруари во 9 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“. Од 10 часот предвидена е панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев во близина на црквата Св. Богородица – Перивлепта. Во 11 часот следуваат „Стихови и звуци за Прличев“ во рамки на кои ќе биде изведена песна „1762 лето“ од Џеват и Бајрам Рамаданоски, по што ќе следуваат обраќање на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, врачување на два примерока од Автобиографијата на Прличев отпечатена во Брајово писмо на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, врачување награди на провонаградените литературни творби на литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“, читање на наградените литературни творби. Потоа следува „Беседа за Григор Прличев“ на д-р Александра Ѓуркова. Овие активности ќе бидат реализирани во Спомен – куќа на Григор Прличев.

Во 12 часот предвидено е полагање лавров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, каде ќе има обраќање проф.д-р Кристина Николовка – претседтел на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија.

Свеченостите во рамки на беседите на општинско ниво, а во директна организација на Библиотеката ќе продолжат од 13:00 часот со традиционалната „Прличева визита“ која ќе се одржи во Прличевата одаја. Тогаш, за прв пат ќе биде доделена наградата за „Најдобра беседа за 2023 година“ по распишаниот локален конкурс на Библиотеката под наслов: „Прличев и ние“ на кој учествуваа млади творци од 15 до 30 години. Потоа ќе следи промоцијата на аудио записот на есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од познатиот македонски поет и есеист, академик Анте Поповски, а во интерпретација на актерката Софија Гогова – Врчаковска, на која ќе присуствува и синот на поетот Александар Поповски.

Програмата од годинешните „Прличеви беседи“ ќе се заокружи со свечената приредба по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во спортската сала на училиштето со почеток во 19 часот.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ е во организација на Општина Охрид, НУ Центар за култура „Григор Прличев“, НУБ „Григор Прличев“, ООУ „Григор Прличев“ и Друштвото на писатели на Македонија.

OhridNews